Руски конструктор „пластично“ ја опишува разликата меѓу Су-57 и неговите конкуренти F-22 и F-35

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Михаил Стрелец особено ги апострофира предностите на рускиот авион од петта генерација Су-57 во однос на своите западни конкуренти, а кои се однесуваат на полезната носивост на убоен товар и карактеристиките на забрзувањето. Кога ќе се соберат броевите 22 и 35 се добива бројот 57, рече рускиот конструктор алудирајќи на ознаките на наведените авиони.

Перспективниот воздухопловен комплекс на фронтовската авијација од петта генерација Су-57 не само што во себе ги обедини функционалните способности на американските пандани F-22 и F-35, туку и ги надмина, истакнува главниот конструктор на Опитно-конструкторското бироа „П. О. Сухој“ Михаил Стрелец, пренесува рускиот интернет портал ТАСС.

Според него, авионот може ефективно да решава задачи за уништување како на копнени, така и на воздушни цели, за разлика од острата поделба кај „Американците“.

„Имено, F-22 е пред сѐ конструиран како авион за остварување воздушна превласт во воздухот“, напоменува Стрелец. Според него, Американците „дури потоа“ сфатиле дека овој авион е така проектиран што во неговите внатрешни спремници можат да се сместат исклучиво ракети од класата „воздух-воздух“, додека обидот за интеграција на воздухопловно вооружување од класата „воздух-земја“ заврши како неуспешен. Стрелец истакнува дека конфигурацијата на внатрешниот отсек за сместување на вооружувањето е таква што во него не можат да се сместат „погабаритни“ товари.

Од друга страна, Русите пред проектот ПАФ-ФА поставија многу јасна задача, а тоа е конструирање повеќенаменско борбено летало. Стрелец напоменува дека односот меѓу носивоста на товарот кој леталото може да го понесе и неговата маса е многу важен сегмент кој го одредува параметарот на квалитетот на авионот како „платформа-носач“. Тука е важна полезната маса на убојното вооружување, како и обемот на номенклатурата (спектарот различно воздухопловно оружје), кои можат да се распоредат во внатрешните борбени спремници. „Според овој показател Су-57 нема конкуренција меѓу авионите од петтата генерација“, констатира конструкторот, додавајќи дека Су-57 исто така нема конкуренти ни кога се во прашање основните летечко-технички карактеристики.

„Не го искалкулиравме тоа намерно, случајно беше дека кога ќе се соберат броевите 22 и 35 како резултат се добива бројот 57“, поентира на крај Михаил Стрелец.

Прочитајте повеќе: Сјајни кадри: Авионите за „третата светска војна“ снимени од досега најкратко растојание