Откриена тајната: Рускиот ловец Су-57 ќе биде подобар од Су-35 според овој важен параметар

Слободан Ѓукиќ
Главниот конструктор-директор на компанијата „Сухој“ Михаил Стрелец откри важен детаљ по кој Су-57 ќе се разликува од останатите руски борбени авиони од генерациите 4+ и 4++.

Должината на дистанцата за слетување кај ловецот од петтата генерација Су-57 ќе биде двапати пократка отколку кај авионот Су-35 од генерацијата 4++, што ќе му овозможи приземјување на мали писти без употреба на специјална техника, изјави за интернет порталот „Ѕвезда“ главниот конструктор-директор на „Сухој“ Михаил Стрелец, пренесува рускиот интернет портал Лента.Ру.

„Авионот е должен да изврши слетување на скратени писти без специјални средства. Точните бројки не можам да ви ги кажам затоа што се работи за воена тајна, но да кажеме дека таа е двапати помала отколку кај ловецот Су-35¹“, истакна експертот.

Согласно изворите на телеканалот „Ѕвезда“, еден од условите кои се поставени пред проектот на рускиот ловец од петтата генерација е и беше истиот да биде способен да изврши полетување, но и слетување од мали писти.

Месецов ТВ-каналот „Ѕвезда“ објави видео од кој од непосредна близина се гледаат ловци од петтата генерација Су-57 како летаат на исклучително мала висина, како и кадри од испитувањата на композитното крило на новиот руски авион.

Минатиот месец поранешниот командант на Воздушно-космичките сили, а сега претседател на комитетот на Советот на Федерацијата за прашања од одбраната и безбедноста генерал-полковник Виктор Бондарев изјави дека модернизацискиот потенцијал на Су-57 ќе обезбеди овој авион да биде актуелен во наредните 50 години. Во целина „ловецот ќе може да ги изведува сите свои задачи во потполно автоматизиран режим на работа, како беспилотна варијанта на борбена машина“, истакна тогаш Бондарев.

¹Далечината на слетување на ловецот од генерацијата 4++ Су-35 при нормална полетна маса, со падобран за запирање и механизам за активирање на падобранот за запирање е околу 600 метри. Употребата на катапултот и сајлите за запирање на носачот на авионот „Адмирал Кузнецов“ овозможува скратување на слетувањето кај морнаричката верзија на тешкиот ловец Су-33 на само 90 метри.

Прочитајте повеќе: Животот на пилотот нема цена: Во тек е развој на проект за беспилотна верзија на авионот Су-57

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња