Во Северодвинск нуклеарната подморница „Казањ“, направена во категоријата на модернизираниот проект „Јасен-М“, влезе во фаза на фабрички тестирања. На социјалните мрежи се појавија фотографии од подморницата.
„Казањ“ се произведува според договорот со Министерството за одбрана на Русија. На 31 март 2017 година пловилото беше преместено од фабричката хала и сместено во пловечки док. Недела дена подоцна подморницата беше спуштена во вода, наведува воен блог.
„Казањ“ е направен во категоријата на модернизираниот проект „Јасен-М“. Од водечката подморница на оваа класа – Северодвинск, се разликува по отсуството на увозни делови, модерната опрема, усовршените контури на пловилото и другите иновации кои имаат за цел намалување на бучавата која и без тоа е мошне мала.
Конструкторите на „Јасен“ се оддалечија од каноните на советската школа. Подморницата има полудводелен труп, антената на хидроакустичкиот систем е сместена во носот на пловилото, додека торпедните цевки се сместени во средишниот дел на трупот. Подморницата поседува и универзални лансери за крстосувачките ракети „Калибар“, „Оникс“ и хиперсоничните „Циркон“.
Споредувајќи ги подморниците од класата „Јасен“ со американските конкуренти, пред сѐ со напаѓачките подморници „Вирџинија“ и „Сивулф“, експертите ја истакнуваат малата количина на шум и широкиот дијапазон на задачи за кои се способни руските пловила. Предавањето на „Казањ“ на Воената морнарица е закажано за 2019 година.