Министерот Шојгу: Во Сирија употребивме перспективни ракети за ловецот од петта генерација Су-57

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Воздушно-космичките сили на руската армија во текот на својата воена операција во Сирија употребија перспективни примероци на крстосувачки ракети од класата „воздух-земја“, со кои ќе бидат опремени борбените летала од петта генерација Су-57.

„Со цел проверка на борбената употребливост на перспективната воена техника, во февруари оваа година е изведена операција на лансирањето на најновите оперативно-тактички крстосувачки ракети од класата „воздух-земја“, со кои ќе биде опремен авионот од петта генерација Су-57“, истакна министерот за одбрана на РФ Сергеј Шојгу при состанокот на воениот колегиум“, пренесува агенцијата ТАСС.

Тој исто така истакна дека руските воздухопловни специјалисти интензивно работат на модернизацијата на борбените авиони и хеликоптери врз основа на искуствата стекнати во Сирија. „Конкретно, што се однесува до оваа приказна, ние работиме на модернизација на 11 различни типови на авиони и хеликоптери“, изјави рускиот министер за одбрана. Според него, во моментов детално се анализираат извештаите за резултатите на борбената примена на повеќе од 60 сериски и перспективни типови воена техника кои се наоѓаат во состав на Воздушно-космичките сили.

„Во согласност со резултатите остварени во реални борбени услови, донесени се мерки да се подигне на што поголемо ниво квалитетот на персоналот, како и инфраструктурата на ВКС“, истакнува министерот. „Воздушно-космичките сили тежишно беа најмногу ангажирани во текот на воената операција во Сирија, а благодарение на интензитетот и обемот на нејзината техника значителен дел на летачкиот и инженерско-техничкиот состав стекна добри воени искуства“, изјави Шојгу. Тој уште и нагласи дека сите навики и сознанија насобрани во текот на сириската кампања ќе се систематизираат и како такви употребат во процесот на дополнителна обука на персоналот и командниот кадар.

Според рускиот министер, борбените способности на ВКС за две години се зголемени за 11,7%. „Единиците на ВКС од различен формациски состав во тој период добија повеќе од 600 нови и модернизирани примероци на вооружување и воена техника. За овие две години процентот на удел на современо вооружување во единиците на ВКС е зголемен за 10%, рече министерот.   

Според него, изминативе две години вкупните показатели на авионалети се зголемени за 11%, благодарение на унапредувањето на нивото на исправноста на воздухопловната техника. „Гледано во целина, борбените способности на Воздушно-космичките сили се поголеми за 11,7%“, нагласи Шојгу. Што се однесува до формациската структура, во рамките на ВКС во меѓувреме се формирани две воздухопловни дивизии, противвоздушна ракетна бригада и полк на воено-транспортната авијација.

„Во голема мера е унапредено и радарското поле за рано предупредување од евентуални ракетни напади. Овој систем ги покрива сите потенцијални воздушно-космички коридори кои влегуваат на територијата на нашата земја“, изјави министерот Шојгу.

Говорејќи за претстојниот план на активности на ВКС во периодот до 2020 година, рускиот министер за одбрана рече дека овој тренд ќе продолжи со цел понатамошно зголемување на оперативните способности на овој вид руска армија.

„Анализата на современите воени судири покажува дека над државите кои немаат изградена воздушно-космичка одбрана постои перманентна опасност да престанат да постојат. Има безброј примери за оваа процена, а еден од највпечатливите е судбината на Југославија и Либија, па и на Сирија која беше на самиот раб на својот опстанок“, посебно напомена министерот.

„Конечниот исход на модерните војни во голема мера зависи од квалитетот и оспособеноста на Воздушно-космичките сили. Според тоа, понатамошниот раст на овој вид вооружени сили ќе биде едниот од приоритетите во нашата идна работа“, истакна на крајот Сергеј Шојгу.

Прочитајте повеќе: Почна државното тестирање на ловецот МиГ-35 кој од 2019 година влегува во сериско производство