Суперсоничниот ловец-пресретнувач МиГ-31 е избран како единствена достапна платформа која може да одговори на сложените техничко-тактички барања кои се основен предуслов за функционирање на ракетниот систем „Кинжал“. Интеграцијата на принципиелно новото оружје беше условена и со обемна модернизација на самата летачка платформа. Обемната модернизација која е изведена на овој авион, како и карактеристиките на самото оружје, условија измена на тактичките начела за употреба на овој авион, која мораше дополнително да се изврши преку преобука на пилотите.
Експертите се едногласни дека во овој момент МиГ-31 е оптимална воздушна платформа за ракетата „Кинжал“, но само во случај ако се примени напреден пакет за техничка модернизација кој кардинално ќе ги измени борбените способности на овој авион.
Како што за весникот „Известија“ изјавија од Министерството за одбрана на Руската Федерација за воздухопловниот ракетен систем „Кинжал“ е направена специјална модификација на база на ловецот-пресретнувач МиГ-31. Таа во голема мера се разликува од основната верзија на овој авион, и во своето име ја носи ознаката К (веројатно кратенка од „Кинжал“).
Моментално во опитно-борбена експлоатација (значи во оперативните воздухопловни единици) се наоѓаат десетина специјализирани авиони МиГ-31К кои можат да носат хиперсонична ракета „Кинжал“. Тие се базирани во Ахтубинск (Астрахањска област) и се наоѓаат во режим на борбено дежурство. Имплементацијата на нов нападно-навигациски систем услови оваа варијанта на авион да се „преквалификува“ од ловец-пресретнувач во ударно воздушно летало. Од оваа верзија е отстранет радарот. Зголемен е капацитетот на резервоарот со гориво, со што е зголемен оперативниот долет на овие летала, односно зоната на активно борбено патролирање. Направена е реконфигурација во управувачкиот дел на кокпитот на авионот и покажувачите на екраните за интеграција на нови параметри кои се поврзани со ракетата „Кинжал“. Исто така, темелно е модернизиран и блокот апаратура за врска.
Габаритите на сама ракета, како што се нејзината должина и тежина, условија да се помрдне тежишната точка на масата на авионот, што доведе до тоа МиГ-31К во летот да се однесува мошне поинаку во однос на ловечката верзија на овој авион. Од овој проблем се излезе на тој начин што е извршена квалитетна преобука на летечкиот персонал кој исклучиво ќе управува со верзијата МиГ-31К, со акцент на максимално ефикасната употреба на воздухопловот во сите фази од летот, особено кога на потрупниот носач е монтирана ракета.
Во техничката фаза на летот на ракетата воздухопловната платформа (во овој случај МиГ-31К) има улога на нејзин „прв прстен“ кој е непосредно одговорен за лансирање и за забрзување на ракетата. Накусо, по приемот на командата за дејство, пилотот во авионот МиГ-31К започнува фаза на енергично запнување доколку нема доволна височина од моторите кои се наоѓаат во режим на дополнително согорување. Кога леталото ќе достигне високи параметри на брзина и на висина, дури тогаш се врши лансирањето на ракетата. Кога лансирањето ќе се изведе под овие услови, тоа овозможува за неколку пати да се зголеми оперативниот дострел на ракетата, како и на нејзината брзина на лет која надминува 10 маха.
Воздухопловниот ракетен систем „Кинжал“ е способен да ги уништи сите површински бродови на потенцијалниот непријател како што се носачи на авиони, ракетни крстосувачи, разорувачи итн. Боевата глава на оваа ракета е преземена од аеробалистичката ракета од класата земја-земја од типот Искандер. Самата ракета може во текот на својот лет да изведува сложени маневри и со голема прецизност да погоди цели на оддалеченост и до 2.000 километри.
„За новата ракета беше потребно да се осмисли целосно нов систем за наведување и управување“, истакнува тест-пилотот и херој на Русија, Роман Таскев. „Пред сè, сите параметри од летот на ракетата од нејзиниот почеток па сè до крајот/целта, се испраќа директно од кокпитот на авионот во реално време. Второ, за остварување на максимални резултати за време на нишанењето мошне е важно квалитетно позиционирање на авионот во воздух. За ваквите финеси неопходна е високопрецизна навигациска апаратура. Унапредената аеродинамика на авионот и модернизираните мотори ќе придонесат за максимална искористливост на леталото на планот за постигнување високи параметри на брзина која е неопходна да се лансира ракетата Кинжал“, истакнува Таскев.
МиГ-31 е првиот советски борбен авион од четвртата генерација. Неговата основна тактичка намена е да воочи и да пресретне голем број крстосувачки ракети кои сè уште се наоѓаат во фаза на лет, без оглед на нивната брзина и на висината на летот. Ловечките полкови опремени со овој авион имаат статус на специјални воздушни сили зашто нивната употреба е индицирана во услови која требаше да се пресретнуваат најопасните воздушни цели.
За таа цел овој авион е опремен со моќни мотори кои му овозможуваат да достигне брзина од 3.000 километри на час. Исто така, овој авион има и врвни параметри кога станува збор за постигнување на плафон на летање кој изнесуваше 20.5 километри. Оперативниот долет што овој авион може да го оствари е далечина и до 3.300 километри.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче