Русија ги затвора поморските брегови со непробојно радарско поле

Михаил Фомичев/Sputnik

Министерството за одбрана на Русија купува голем број на специјални крајбрежни радиолокациски станици (РЛС)  „Бусољ-С“, пишуваат руските медиуми. Радарите се во состојба да ги следат сите пловни објекти на далечина до 40 километри. Во текот на оваа година РЛС ќе бидат поставени во Мурманск и Кронштат, а следната година на Тихиот океан и на Крим. Во догледна иднина радарите ќе овозможат да се формира непрекинато радарско поле по должината на поморските граници на Русија. Стручњаците ја сметаат контролата на ситуацијата на површината на територијалните води во близина на бреговите за важен елемент на безбедноста на воените бази и другите стратешки објекти на флотата.

Според пишувањето на весникот „Известија“, Министерството за одбрана на РФ ќе ги набави годинава стационарните крајбрежни радиолокациски станици МР-232 „Бусољ-С“ заради контрола на ситуацијата на површината на територијалните води по должината на брегот на Баренцовото и Балтичкото море. Догодина слични РЛС ќе бидат обезбедени за бреговите на Јапонското и Црното море, како и Командорските острови (недалеку од Петропавловск Камчатски).

Станицата МР-232 „Бусољ-С“ се користи за континуирана контрола на ситуацијата на морската површина. РЛС непречено функционира во сите временски услови. Опремена е со систем за заштита од пасивно и активно попречување со средства за радиоелектронска борба.

РЛС во автоматски режим може да следи до 50 цели чии координати и параметри на движење ги одредува со голема прецизност. Насобраните информации се анализираат и во режим на реално време се проследуваат до централниот команден пункт. Доколку непознат објект влезе во заштитената зона, веднаш станицата праќа информации до операторот. Радиолокациските информации за ситуацијата се документираат и внесуваат во заштитената електронска база, а подоцна можат да се користат во својство на правни докази за нарушувањето на државната граница.

Неколку радарски пунктови ќе овозможат да се создаде непрекината зона на контрола. Така, на пример, две станици надгледуваат до 110 километри долг брег. Дометот на РЛС е до 40 километри, што овозможува да се следи ситуацијата не само во рамките на сопствените територијални води, туку и на приодите.

Создавањето на мрежа од крајбрежни РЛС ќе овозможи да се воспостави сигурна контрола на ситуацијата по должината на клучните делници на брегот на Руската Федерација и да се исклучат ненадејни напади или диверзии врз морнаричките бази и другите важни објекти, смета воениот експерт Дмитриј Болтенков.

Во состав на Воената морнарица на РФ постои радиотехничка служба која ја следи ситуацијата во крајбрежните акватории и на самиот брег, изјави Болтенков. Тие користат РЛС од времето на СССР кои не одговараат на современите потреби, а и нивното одржување чини многу. Како што нагласи тој, новите станици ќе ги заменат старите и ќе придонесат за намалување на трошоците на оддалечените подрачја како што се, на пример, бреговите на Охотското море. Тој уште додаде дека новата техника е особено потребна на Црното море.

Министерот за одбрана на РФ Сергеј Шојгу изјави минатата година дека на работ на границите на Русија првпат е создадено непрекинато радарско поле заради заштита од нуклеарен напад. Со таа цел се направени три нови РЛС „Воронеж“ во Омск, Барнаул и Енисејск и се модернизирани трите активни станици во Барановичи, Мурманск и Печора. Тоа овозможи да се создаде систем за предупредување на напад по сите стратешки воздушно-космички правци и за сите типови траектории на летот на балистичките ракети. Наредната етапа треба да биде создавање непрекинато радарско поле кое би го контролирало просторот над водената површина по должината на морскиот брег.

Прочитајте повеќе: Русија создава супермоќна радарска станица

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња