Новата генерација руски радари дефинитивно ги испраќа „Томахавк“ во контејнер

Михаил Фомичев/RIA Novosti
Компактното захоризонтално радарско поле, кое како штит ќе ја покрие комплетната граница на Руската Федерација, може да биде комплетирано во следните 7-8 години.

За да го прикажам тоа посликовито, нешто слично имаме и кај човековата аура која го обвива физичкото тело на човекот. Ова поле ќе има способност ефикасно да ја покрие зоната и до 2.000 километри надвор од руската граница. Ова пред извесно време го изјави генералниот конструктор на Националниот систем за рано предупредување од ракетен напад Сергеј Боев. Основата за формирање на ова меѓусебно поврзано и компактно радарско поле ќе го сочинуваат двокоординатните радарски станици „Контејнер“ кои имаат способност да откријат лансирање на балистичка ракета како и сите останати аеродинамички објекти без оглед на нивниот радарски одраз, брзината и висината на летот. 

Оваа станица може на исклучително голема оддалеченост да открие сè што лета во атмосферата, како што се авиони, хеликоптери, беспилотни летала и крстосувачки ракети. Овие последните се особено опасни зашто можат да се лансираат од различни платформи, а можат и да носат нуклеарни боеви глави. На пример, во состав на Воената морнарица на САД се наоѓаат крстосувачки ракети „Томахавк“ со својата последна модификација BlockIV кои можат да погодат подвижни мети со големина на автомобил на оддалеченост од 1.700 километри. Само овој технички детаљ зборува за максималната сериозност која мора да се оствари за време на понатамошното усовршување на Националниот стратешки систем за рано предупредување од масивен ракетен напад. 

Јоносферата како рефлексивно огледало 

Принципот на работа на захоризонталниот радар кој е применет на комплексот „Контејнер“ се засновува на способноста на јоносферата на Земјата да ги одбива електромагнетните бранови кои се насочени кон неа под умерен агол. Резултатот на овој ефект е таков што насочените електромагнетни бранови се рефлектираат кон земјата, далеку преку хоризонтот, а по истиот пат се враќаат назад до радарската станица. Ваквиот начин на емитување на електромагнетни бранови со дециметарска должина овозможува откривање на воздушните објекти на исклучително големи далечини кои можат да достигнат и неколку илјади километри. Вертикалната далечина на откривање на целите е ограничена со слојот на јоносферата која се наоѓа на височина од некои 100 километри, и во овој случај не е толку важна. За покривање на вертикалниот појас на атмосферата, вклучувајќи го тука и космосот, проектирана е таканаречената радарска станица „Воронеж“која е првенствено наменета за откривање интерконтинентални балистички ракети и космички објекти како што се метеори и астероиди и слично. Овие навистина огромни радари претставуваат костур на копнениот ешалон на Националниот систем за рано откривање ракетни напади. Во комбинација и содејство со захоризонталните радари од типот „Контејнер“ и „Подсолнух“ Русија ќе стане апсолутен лидер во светот кога станува збор за речиси целосна видливост на воздушно-космичкиот простор кој на илјадници километри се протега околу нејзината територија. 

Радарскиот комплекс „Контејнер“ е специјализиран да открие и да фиксира аеродинамичен објект, како што е на пример ловечки авион или крстосувачка ракета. Принципот на неговата работа е мошне едноставен. Иако погоре веќе го објаснивме, не е лошо да се повтори. Значи, радарските антени од комплексот „Контејнер“ емитуваат под определен агол електромагнетни бранови кои се одбиваат во слојот на јоносферата и се рефлектираат над хоризонтот на оддалеченост која достигнува и до 6.000 километри. Потоа овие бранови се враќаат по истиот пат назад до тие исти антени, и ги прикажуваат своите резултати на дисплејот на операторот кој управува со комплексот. За време на испитувањата на првиот комплекс „Контејнер“ кој е инсталиран кај населеното место Ковилкино, а кое се наоѓа јужно од Нижни Новгород, операторите кои работат на него како на дланка ја видоа комплетната воздушна ситуација над речиси цела Западна Европа. 

Контрола на воздушниот простор на Западна Европа 

Димензиите на радарската станица се навистина впечатливи. Таа се состои од неколку десетици столбови кои се високи колку станбена зграда од десет ката. Нејзиниот ефективен дострел покрива површина која се простира од Арктикот, преку скандинавските земји, Полска, Германија, басенот на Средоземното море, Турција, Израел, Сирија. Радарот регистрира буквално сè на овој простор, без оглед на големината на аеродинамичниот објект, неговата брзина и висина. Неговата чувствителност оди толку далеку што веднаш открива лансирање балистичка или крстосувачка ракета односно моментот кога таа се одделува од земјата. Тука моментот на откривање е од клучна важност зашто навреме се овозможува адекватно известување на дежурните противракетни и противвоздушни системи за опасноста што претстои. 

Заклучок 

Поставувањето на захоризонталните радарски станици по краевите на Руската Федерација во координација со стационарните и мобилните системи на противвоздушната и противракетната одбрана ефикасно ќе се спротивстави на стратегијата на ненадејно високопрецизен удар, кој се состои од масовна примена на крстосувачки ракети со цел уништување на клучните командни пунктови, како и силосите во кои се наоѓаат интерконтиненталните балистички ракети. 

Инаку, технологијата што ја користат захоризониталните радари не е нова. Уште во 1970 година тогашен СССР изгради 2 радарски станици кои работат според слична шема. Тие го носеа кодното име „Дуга“. Една е поставена во Чернигово (Украина), а другата во близина на Комсомољск на Амур. Се одликуваат со огромна сила на електромагнетно зрачење. Овие станици може да регистрираат лансирање на космички и балистички ракети на американскиот континент на оддалеченост од дури 9.000 километри.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња