ТТ-30 и Макаров ПМ: Најдобри советски пиштоли

Legion Media
Овие пиштоли имаат поминато голем број војни и вооружени судири кои се воделе во текот на 20 век и станале легендарни благодарение на својата ефикасност и сигурност.

До крајот на Граѓанската војна (1917-1922) Црвената армија беше вооружена со револвери од системот Наган, сигурно, но застарено оружје. Дојден беше момент кога воената команда реши дека е време за првиот домашен пиштол во историјата.

Но, производителите на оружје од СССР немаа искуство во правење пиштоли со кратка цевка и минаа години пред да се појави првиот ефикасен примерок.

Пиштолот на Коровин со калибар од 6.35 милиметри е направен во 1927 година. Тоа е првиот советски пиштол кој веднаш е произведен во огромни количества за сите офицери и генерали на војската. Но, наскоро излезе дека оружјето има свои минуси поради кои полека ќе исчезне од армијата.

„Пред сè тоа е мал пиштол со мала дршка. Повеќе одговараше за дамска чанта одошто за офицерска кубура“, вели за Russia Beyond-Македонија Дмитриј Сафонов, поранешен воен аналитичар на весникот „Известија“.

ТТ-30

Советските инженери се обидуваа да позајмат делови од странските модели. Така за пиштолот ТТ (Туљски Токарева) земен е германски куршум 7.63х25 милиметри Маузер, муниција која ја имало многу во советската армија за пиштолите Маузер С96. А, како прототип за домашниот пиштол, конструкторот Фјодор Токарев ги избрал пиштолите Браунинг – модел FN и Колт М1911. Така на почетокот на триесеттите години од минатиот век настана и денес познатиот „тетеец“ ТТ-30 кој испукува куршум со брзина од 420 метри во секунда.

„Куршумот можеше да пробие дебело стакло и да убие човек што се крие зад него. Тоа беше јако и прецизно оружје во тоа време“, вели Сафонов.

Калибрите на револверот Наган и на ТТ-30 се слични, додава тој, но јачината на новото оружје е двојно поголема поради количеството на барут во куршумот.

„ТТ-30 беше сигурно оружје кое го сакаа оперативците на Советскиот Сојуз. Патем, руските бандити од деведесеттите години на минатиот век беа вооружени со ТТ-30, зашто црниот пазар беше преполн со ова оружје“, вели експертот.

Но, пиштолот имаше и свои мани. Неговиот најголем минус е во тоа што не може да се закочи, и што лесно пука, особено ако падне на земја. И најважно е тоа што оваа нијанса може да се отстрани само ако се преработи целата конструкција на пиштолот. Затоа за советската армија беше поевтино да се направи нов пиштол, одошто да се усовршат неколку стотици илјади стари ТТ-30.

Пиштолот „Макаров“

„Полицијата и армијата на СССР беше вооружена со пиштолите Макаров. Во седумдесеттите години дури и пилотите почнаа да го носат ова оружје поради опасноста од киднапирање патнички авиони“, вели за Russia Beyond-Македонија Виктор Литовкин, воен аналитичар на новинската агенција ТАСС. Пиштолот Макаров е исто така првиот пиштол кој полета во вселената.

„Првиот човек во космосот Јуриј Гагарин имаше пиштол во кабината на 12 април 1962 година. Секако, никој не очекуваше да се бори со вонземјани. Пиштолот му беше потребен да се одбрани од диви животни доколку при враќањето би слетал на неочекувано место во дивината“, додава експертот.

Сепак, ергономијата на пиштолот не беше најдобра за припадниците на специјалните единици. Дршката за специјалците не беше баш најудобна, а рамката не можеше брзо да се замени.

„Нишанската мушичка на пиштолот исто така беше мала, и потребни се години тренирање за прецизно да гаѓате“, додава Виктор Литовкин.

Но, и покрај овие нијанси, стручњакот вели дека тоа е мошне ефикасно оружје за своето време, кое ќе биде заменето дури по распадот на СССР со помодерниот пиштол МР-443 Грач.

Прочитајте уште: „Катјуша“: 5 факти за застрашувачкото советско оружје од Втората светска војна

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња