Руските деминери добија пушки против дронови тестирани во Сирија

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
На територијата на Меѓународниот противмински центар во Нахабино се одржани вежби на деминери кои беа вооружени со преносни системи „Ступор”. Полниот назив на новата пушка е: преносен систем за електромагнетно и оптичкоелектронско неутрализирање на беспилотни летала.

Како што објави порталот „Военое обозрение”, на практичните вежби е симулиран напад на беспилотни летала врз единица деминери. Ова сценарио е преземено од реалниот живот. Имено, во Сирија терористите повеќе пати од обични дронови фрлаа експлозив врз руските деминери.

На вежбите групата за заштита на деминерската единица со помош на електромагнетна пушка принудно приземји едно беспилотно летало, додека второто го испрати назад до точката на полетување за да ја утврди локацијата на операторот.

Ова не е прва демонстрација на можностите на „Ступор”. Претходно оваа пушка беше тестирана во борбени услови во Сирија.

Првата руска пушка против дронови „Ступор” е конструирана во главниот научноистражувачки центар за роботика на Министерството за одбрана на Русија. Првпат беше претставена на саемот „Армија-2017”. Системот е наменет за уништување на сите беспилотни летала кои се наоѓаат во видното поле. „Ступор” испраќа моќен електромагнетен импулс кој ги блокира каналите за навигација и комуникација, како и фотографските и видеокамерите на дронот. Пушката има дострел од 2 километра и ширина на зракот од 20 степени.

Прочитајте повеќе: Убива дронови како муви: Електронски топ „Калашников“