Дроновите кои почнаа масовно да се користат како оружје пред околу 10 години, целосно го променија односот на силите на бојното поле. Практично постепено човекот се повлекува како основна борбена единица. Разузнавањето на целта и нејзиното уништување - она што претходно беше невозможно без директно човечко учество, веќе може да се врши од страна на роботи.
Беспилотните летала само однадвор изгледаат како минимодели на авион. Во реални услови во нив може да биде поставено ефикасно оружје. При тоа може и да не станува збор за топови или проектили. Дронот е практично идеална платформа за распоредување на средства за радиоелектронска борба.
Системот „Рој“ (Swarm) е неодамнешна разработка на американскиот воено-индустриски комплекс. Замислата е толку едноставна што е сложена неговата реализација. Нејзината идеја е јасна - да се прекине работата на противничката ПВО преку создавање на бројни пречки. Во минатото многу пати се свртувале кон оваа идеја, при тоа успешно. Но специфичноста на „Рој“ е дека за блокирање на работата на радарските станици се користат дронови. Станува збор не за една или две машини. Името на новиот систем зборува само за себе. Носителот (ова може да биде секаков летачки објект) пушта неколку десетици дрона кои дејствуваат како рој пчели.
Секој од дроновите претставува самостојна борбена единица. Тој може да биде опремен со кое било оружје - од ракетно до радиоелектронско. Притоа „Рој“ дејствува како една целина. Секое беспилотно летало од неговиот состав исполнува одредена функција - спроведува разузнавање, прави пречки или нанесува ракетен напад.
Дроновите истовремено пренесуваат информации во единствениот центар за управување и си ја разменуваат еден со друг. Како резултат на тоа настанува фактички нов вид борбен систем. Тој не само што може да го прикрива воздушниот упад во зоната на противвоздушната одбрана, задушувајќи го непријателскиот радар, но и самиот може да уништува цели во зададен регион. Притоа традиционалните средства за ПВО се немоќни против „Рој“: практично е невозможно тој да биде уништен со помош на ракети.
Ако „Рој“ успее да стигне до целта, тогаш станува практично невозможно тој да биде запрен. Токму затоа новиот развој на руските инженери цели тој да биде блокиран, уште додека се приближува.
За разлика од претходната генерација системи, новата руска разработка е ориентирана кон активен принцип на акција. Наместо само да прави радиопречки, новото оружје ја вади од систем целата електроника на дроновите. На овој начин тие не се уништуваат физички, но фактички се претвораат во парче метал. Наместо неефикасното стрелање по минијатурните летала, избрана е принципиелно поинаква тактика која го нарушува односот помеѓу дроновите во „Рој“ и нивното централизирано управување.
Засега не се соопштува на што се засновува техничкиот принцип на акција на новото руско оружје против јатото беспилотни летала - разработката останува тајна. Специјалистите сугерираат дека можеби станува збор за електромагнетни средства за уништување со насочено дејство.
Ова може и да е вистина: во Русија одамна се залагаат за борбена употреба на електромагнетното зрачење. Ако тоа е така, тогаш дроновите се уништуваат преку насочување кон нив струја со висок напон, која буквално го прегорува целиот нивен „полнеж“. Против нив би можела да биде ефикасна и електромагнетна бомба.
Кога експлодира на висина од неколку стотици метри, таа ја онеспособува секоја електроника во радиус од 4 километри. Многу прашања засега остануваат неодговорени. На пример, како ќе се генерира и како ќе насочува уништувачкиот електромагнетен импулс. Сепак, фактот дека руското оружје влегува во нова фаза на развој, е очигледен.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче