Првично беше планирано авионот двосед МАИ-223 „Китенок” да добие водороден помошен погонски систем. Но тестирањата се одложени и тоа е откажано. Сега е планирано овој погонски систем да биде главен мотор на новиот авион двосед од средна големина кој е специјално проектиран за тоа. Истиот мотор се разгледува и како можност за поголемите авиони. Како што соопшти Институтот за проблеми на хемиската физика, доколку сѐ оди според планот, пробниот модел ќе биде претставен на форумот „Армија-2018”.
Работата на проектот почна пред неколку години. Во 2015 година научниците од Институтот за проблеми на хемиската физика извршија неколку тестирања на летање на беспилотни апарати со погон на водородно-кислородни горивни ќелии. Како што изјави директорот на институтот академик Сергеј Алдошин, беспилотните летала со вакви горивни елементи можат да се наоѓаат во воздух околу 40 часа, сигурни се и можат да функционираат во суровите руски временски услови, вклучувајќи ги и условите на крајниот север на Русија. Истата година беспилотно летало беше претставено на воздухопловниот саем МАКС, а потоа тестирано и во Сирија.
„Електричниот авион” е авион со единствен централизиран систем на управување и снабдување со енергија кој ги задоволува сите потреби од енергија на леталото. Новата структура на енергетски извори обезбедува оптимално управување со енергијата на авионот.