Русија ќе печати беспилотни летала

Игор Зарембо / РИА Новости
Русија има намера да печати беспилотни летала на 3Д-принтери со цел да го надополни заостанувањето во нивното производство. На овој начин процесот за нивно производство ќе биде значително поевтин, а продажната цена ќе биде помала, додека самото производство ќе биде многу пати побрзо. Но, руските експерти сметаат дека проблемот на заостанувањето не е само од технолошка природа и дека треба да се решава комплексно.

Во април годинава државната корпорација Ростех најави производство на беспилотни летала „демонстратори“, со тежина од 3.8 килограми, со распон на крилата од 2.4 метри. Демонстратор може да развие брзина од 90 – 100 километри на час и да помине во воздух 1-1.5 час.

„Успеавме да создадеме беспилотно летало за два и пол месеци, од идејата до прототипот кој функционира одлично“, соопшти на втората меѓународна конференција „Беспилотна авијација 2015“ претставникот на државната корпорација Ростех Владимир Кутајов. „Ефективното време на изработката на едно беспилотно летало е 31 час, а тоа чини помалку од 200 илјади рубли“.

„Своевремените технологии на Системот за автоматизирано проектирање (со помош на компјутер) овозможија да се намали времето за проектирање. Сега веќе зборуваме за тоа дека примената на адитивни технологии, како што се очекува, ќе овозможи да се намали и времето за создавање прототип и подготовката за производство. Недостатокот е во тоа што овие технологии се сè уште 'сурови'. Според мене дискутабилна е примената на ваквиот пристап за време на создавањето на елементите на конструкцијата поврзани со вооружувањето“, изјави за „Руска реч на македонски“ водечкиот руски експерт за беспилотни системи и роботика Денис Федутинов.

Во сферата на производство на беспилотни летала Русија заостанува зад светските стандарди, иако СССР беше еден од лидерите во оваа област. Сега раководството ѝ дава на руската воена индустрија амбициозна задача: до 2022 година Русија да произведува најмалку 5% од сите беспилотни летала во светот,

Дроновите надвор од законот

Засега Израел е водечка земја меѓу производителите на беспилотни летала: 80% од леталата произведени во оваа земја се извезуваат во 49 држави. Русија може да се пофали со тактичко-набљудувачките беспилотни летала од сопствено производство кои се користат во вооружените сили.

Освен тоа што производителите на беспилотни летала одделуваат големо внимание на воениот аспект на користењето дронови, тие активно се обидуваат и да им најдат примена во „цивилството“, односно во нафтениот сектор, земјоделството, набљудувањето и мониторингот на врнежите и на шумските пожари.

Ширењето на сферата на примена на дроновите се соочува со отсуство на нормативно-правна база поврзана за безбедноста од експлоатацијата на беспилотните летала во Русија. Ова најсериозно се одразува токму на развојот на системите за мониторинг во рамките на кои и се планира широка употреба на беспилотни летала, смета Владимир Шчербаков, заменик главен уредник на специјализираниот магазин за беспилотна авијација UAV.ru.

Додека не се реши овој проблем, масовното производство на беспилотни летала нема да помогне да се освои пазарот. Дроновите едноставно нема да има каде да се користат во Русија и поради тоа ќе биде тешко да се извезуваат, зашто беспилотните летала што не летаат на домашното небо ќе бидат сомнителни на потенцијалните купувачи.

За волја на вистината, постои надеж дека Владата наскоро ќе го реши овој проблем и дека беспилотните летала „ќе влезат“ во руската правна рамка. Во јуни 2015 година Државната дума го разгледа и го усвои во првото читање документот што ги става законските темели за користењето дронови во Русија.

Овие измени ќе придонесат за „подигање на општото ниво на авијатичката безбедност“. Тие, исто така, ќе овозможат да се формираат правни услови за користење на дроновите во интерес на „различни гранки на стопанството, за решавање на задачи од областа на одбраната и осигурувањето на безбедноста на Руската Федерација“, како и во многу други сфери, се наведува во заклучокот на комитетот за сообраќај на Државната дума.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.