Демонтажата на бродовите на кои им поминал рокот на употреба не е лесна задача. Идеалната варијанта е бродот да се демонтира на сув док. Меѓутоа, не може секој сув док да прими огромен брод како што е нафтен танкер или голем туристички брод.
Половина од бродовите во светот ја завршуваат својата последна пловидба на специјални места за демонтирање во Индија, Бангладеш, Пакистан и Турција. Таму на плажите без примена на какви било автоматски уреди рачно се сечат и цепкаат бродовите на парчиња со обични крампови и чекани.
Демонтажата на бродовите е тешка, но и опасна задача затоа што е штетна како за здравјето на ангажираните работници, така и за природната средина. Во процесот на демонтирање се создава многу старо железо и се ослободуваат многу нафтени деривати, жива, олово, антимон и др.
Друг начин сопственикот да се ослободи од стар брод е да го потопи на голема длабочина. СССР имаше шест гробишта на стари бродови во Северниот леден океан и четири во Тихиот океан. Повеќето ѝ припаѓаа на советската воена морнарица.
Русија, САД и одделни земји и понатаму ги потопуваат своите бродови во седум мориња. Тој метод не е совршен поради загадувањето, а во случајот со нуклеарните подморници и поради радијацијата.
Одделни стари бродови служат како мети во воените маневри или за тестирање на нови видови оружје. Други можат да бидат намерно потопени во море недалеку од брегот за да се искористат како полигон за обука на воените нуркачи.
Покрај морските длабочини, како гробишта се користат и заливите ширум светот. Десетици бродови се оставени на нивните брегови или се делумно потопени покрај брегот. Тука тие го чекаат процесот на демонтажа кој можеби никогаш нема да започне...
Во Русија повеќето такви „гробишта“ се наоѓаат над Поларниот круг на рускиот Далечен Исток. На пример, во близина на руската поморска база на Северната флота Олења Губа во Мурманската област постојат гробишта на кои се оставени десетици отпишани подморници. Додуша, мали се шансите некој да им пријде и да ги погледне одблизу, затоа што пристапот до тоа место е строго ограничен.
Особено внимание се посветува на демонтажата на воената техника. На суви докови се врши процес на демилитаризација во кој од техниката се отстранува сето оружје и опремата која се чува во строга тајност.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче