„Искандери“, „Урагани“, „Торнада“: со што сè е вооружена „божицата на војната“

Наука и технологија
СЛОБОДАН ЃУКИЌ
Русија планира до 2020 година во голема мера да го заврши сериозниот процес за модернизација на артилериските и ракетните единици на својата армија. Паралелно со ова трае и константниот развој на речиси сите сегменти на цевната и ракетната артилерија, на тактичките ракетни системи, радарските, аудиометриските и електрооптичките средства за откривање и лоцирање, комуникациската опрема, системот за командување и управување, и борбената муниција, и поефикасен систем за транспорт и логистика...

Артилериските и ракетни единици на руската армија (рус. Ракетные войска и артиллерия РВиА) го одбележаа својот празник – Денот на ракетната војска и артилерија. Овој празник како Ден на артилеријата за првпат беше востановен на 21 октомври 1944 година со указ на Президиумот на Врховниот совет на СССР. За негово одбележување избран е и адекватен датум - 19 ноември. Имено, на 19 ноември 1942 година над илјадници артилериски и ракетни цевки го извршија можеби и најмасовната артилериска подготовка која се одиграла во текот на Втората светска војна. Милион испукани гранати и ракети, кои паднале на положбите на агресорот, го најавија почетокот на гигантската офанзивна операција со кодно име „Уран“ која резултираше со целосно опколување и подоцна со уништување на елитната 6 армија на Хитлер, со што е завршена крвавата Сталинградска битка. Од 1964 година овој празник се прославува како Ден на ракетната војска и артилерија.

Основна задача и организациска структура

Ракетната војска и артилерија претставува род во рамките на Копнената војска, и нејзина основна задача е со конвенционални и со нуклеарни средства да го уништи непријателот на стратешки, оперативни и тактички правци на удар. Се состои од артилериски и ракетни бригади, полкови и дивизиони кои можат да бидат самостојни или во рамките на поголеми системи како што се дивизии, корпуси, армии итн. Ја има во повеќе видови и родови на Руската армија, како и во останатите вооружени структури кои се поврзани со МВР и ФСБ, каде имаме:

Руската армија во својот состав има вкупно 12 артилериско-ракетни полкови кои главно се наоѓаат во состав на мотострелечките и тенковските дивизии. Потоа тука се наоѓаат и 12 ракетни бригади кои се опремени со оперативно-тактички ракети. Крајбрежните единици кои го обезбедуваат крајбрежниот појас, во својот состав имаат 6 артилериско-ракетни бригади.

Покрај ова тука се наоѓаат уште вкупно 20 артилериско-ракетни бригади и полкови кои се потчинети на корпусите и на армиите, како и на воените окрузи. 

Модернизација на Ракетната војска и артилерија 

Овој род на војската во последно време бележи сериозни резултати кога станува збор за модернизацијата на воената техника со која се опремени нејзините борбени делови. Ова најмногу се гледа кај единиците опремени со оперативно-тактички системи „Искандер“. Досега вкупно се превооружени 10 ракетни бригади, со околу 110 ракетни единици 9К720 „Искандер“. Во тек е превооружување на овие единици со најновата верзија на овој систем 9К720М „Искандер-М“ со оперативен дострел и до 500 километри. Покрај овој комплекс во состав на руската армија се наоѓаат и околу 50 единици од нешто постариот комплекс 9К79 „Точка-У“.

Артилериско-ракетните единици се опремени со цело семејство повеќецевни ракетни фрлачи со различен калибар и кога се зборува за овој тип оружје се смета дека тоа е едно од најраспространетите токму во руската војска. Тука се наоѓаат и стотина единици 9К51 „Град“, 9К57 „Ураган“ и 9К58 „Смерч“. И за оваа компонента на вооружените сили Русите имаат сериозна програма за модернизација којa ќе ги унапреди постоечките оружја, особено во поглед на зголемениот дострел, брзината на дејствијата и прецизноста на огнот. Планирано е постоечките системи да се заменат со нивните радикално модернизирани варијанти 9К51М „Торнадо-Г“, 9К512 „Ураган-1М“ и 9К515 „Торнадо-С“. Определени модернизирани системи како што е 9К51М „Торнадо-Г“ веќе се влезени во вооружувањето на оперативните системи на руската војска. Во следните две години се очекува засилен бран на воведување на побројни системи во вооружувањето. 

Самоодната цевна артилерија се состои од самоодни хаубици 2С1 „Гвоздика“, 2С3 „Акација“, 2С19 „Мста-С“, 2С5 „Гиацинт-С“ и 2С7М „Малка“. Тука се наоѓаат и тешките самоодни минофрлачи 2С4 „Тјуљпан“. За разлика од поголемиот број од овие оружја постојат сериозни програми за модернизација со што во голема мера ќе се зголемат нивните борбени можности. Ова особено се однесува на модернизацијата на 2С3М2/М3 „Акација-М“  и 2С19М2 „Мста-С2“ како и на 2С4М „Тјуљпан-М“. Треба да се истакне и сериозната работа на руските конструктори на модернизација на огнените средства за артилериска поддршка кога станува збор за воздушно-десантните единци на руската војска Ова пред сè се однесува на осовременувањето на самоодните оклопни платформи за огнена поддршка на падобранските единици, а кои ќе се десантираат од воздух – комплекс „Лотос“.

Посебно треба да се спомене и перспективната хаубица 2С35 „Коалиција-СВ“ која според своите техничко-тактички параметри треба да стане најдобрата самоодна хаубица на светот.

Покрај самоодното вооружување, треба да се споменат уште и влечните оружја 2А65 „Мста-Б“ и 2Б16 „Нона-К“, покрај кои се наоѓаат и некои постари хаубици, но без некоја голема перспектива кога станува збор за нивната модернизација. Значи, во следниот период треба да се очекува значително намалување, односно целосно исфрлање од вооружувањето на влечните средства за артилериска поддршка, зашто фундаментална цел е создавање висококвалтетна армија со нејзините исклучителни подвижни составни компоненти*. 

Секако, во однос на непосредната огнена поддршка на фронтот мешовитите единици ќе имаат неколку илјади минофрлачи 2Б14 „Поднос“ и 2С12 „Сани“, за кои постојат проекти за нивно интегрирање на мобилни камионски и гасенични платформи. 

Покрај воведувањето нови и обемни модернизации на постоечките системи за вооружување, руските конструктори планираат и сериозни технички зафати и во поглед на развојот на исклучително важни средства за артилериско изведување и насочување. Тука имаме цела низа различни системи од кои треба да се издвојат радарските станици 1Л271 „Аистјонок“ и 1Л19М „Зоопарк-1М“, перспективниот аудиометриски комплекс „Пеницилин“, електрооптичкиот и радарски систем ПРП-4А „Аргус“, како и цел спектар извидувачки беспилотни летала кои во сè поголем број влегуваат во вооружувањето на артилериско-ракетните единици, како и специјализираните единици.  Овие средства ќе можат во реално време да откријат голем број непријателски огнени точки со точни координати, и моментално да ги известат дежурните артилериско-ракетни батерии кои потоа ќе преземат енергични мерки на плотунско контрабатирање врз непријателските набљудувачници, огнените положби, радарските станици и командните места.

Новите електронски системи за врска, потоа напредните комплексни команди, ќе обезбедат централизирано управување над сите извидувачки, огнени и транспортни елементи во овој разгранет синџир, сè до нивото на најмалата борбена единица. На кумулативен план ова повеќекратно ќе ја зголеми ефикасноста на оперативно-тактичките единици на Ракетната војска и артилерија во целина. 2020 година фигурира како гранична, кога артилериско-ракетните единици речиси во целост ќе бидат опремени со перспективни и модернизирани средства за вооружување и воена техника. 

*Паралелно со процесот на модернизација на вооружувањето и воената техника, ќе дојде и до промена на формациската структура на овие единици со образување специјализирани високомобилни артилериски бригади.