Западните медиуми предупредуваат: Русија сѐ повеќе го користи космосот за проекција на сила!

Слободан Ѓукиќ
Западните медиуми со голема загриженост констатираат дека Русија во најскоро време ќе овладее со технологија која ќе ѝ обезбеди стратешка доминација во светот, токму преку способност за изведување на најсложени борбени операции во блиската вселена. Одделни елементи на овој комплекс во формирање веќе со голем успех се тестирани во Сирија, каде демонстрираа голема успешност која ги надмина своите западни конкуренти.

Како што пренесува германскиот интернет портал „Бизнис Инсајдер“, последниот воен судир во Сирија, кој додуша не е сѐ уште завршен, ги прикажа новите оперативно-тактички можности на современата руска техника, од која одделни системи ја имаа и својата прва борбена премиера. Она што се наметнува како заклучок е постепеното проширување на зоната на активните борбени дејствија во подрачјето кое може да се нарече вселена.

За време на операцијата на руските Воздушно-космички сили во Сирија, добар дел од нејзината несомнена ефикасност почиваше на извидување од вселената. Така, на пример, со руските крстосувачки ракети „Калибар“ и Х-101 управуваше мрежата од сателити (ГЛОНАСС) која се наоѓа во Земјината орбита. Во публикацијата се наведува дека во овој многу краток рок, само 60 дена од почетокот на воздушната кампања во оваа држава, Русија воспостави вселенска доминација со употреба на армијата сателити за извидување (ГЛОНАСС) кои имаа за задача во реално време да прибираат детални информации неопходни за формирање на листата со приоритетни цели. Овие цели по оперативната обработка се многу брзо уништени со крстосувачки ракети или авио-бомби, со особено нагласена „хируршка“ прецизност.

Според процената на западните воени стручњаци и аналитичари, за време на својата операција во Сирија, Русија тестирала преку 600 различни примероци на современо вооружување и воена опрема.

Покрај претходно споменатите ракети, кои можат освен конвенционални да носат и нуклеарни боеви глави, Русите ги испитаа и најновите типови на своето воздухопловно вооружување, роботизирани системи, системи за противелектронска борба, оклопна борбена техника, системи за ПВО со краток, среден и голем дострел, беспилотни летала но и борбено-тактичкиот комплекс на рускиот војник на иднината „Ратник“.

Тоа е исклучително сериозно и скапоцено искуство кое се темели нa реални основи.

Ова искуство ќе послужи како отскочна даска за понатамошно унапредување на постојните борбени системи, но и за развој на ново оружје кое радикално ќе ги зголеми борбените потенцијали на руската армија и ќе ѝ даде нов квалитет. А тој квалитет е веќе демонстриран на Блискиот Исток, каде благодарение на своите вооружени сили т.е. на проекцијата на сила, Русија се наметна како доминантен геополитички играч на овој простор.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња