Матични клетки во Русија: илузија или универзален лек?

Во Русија моментално постојат само шест големи банки каде се чуваат матични клетки. Извор: Shutterstock / Legion Media.

Во Русија моментално постојат само шест големи банки каде се чуваат матични клетки. Извор: Shutterstock / Legion Media.

Русите сè почесто прибегнуваат кон регенеративната медицина. На рускиот Далечен Исток на 14 август беше отворена првата банка за матични клетки. Матичните клетки се своевидно „биолошко осигурување“ во случај на болест. Од нив можат да се одгледуваат ткива неопходни за органи како што се црниот дроб и панкреасот.

Русија неодамна стана дел од пазарот за истражување на матични клетки, чија вредност се мери со милијарди. Во САД постојат околу 300, а во Европа над 80 институти кои се занимаваат со ова. Во Русија моментално постојат само шест големи банки каде се чуваат матични клетки. Една банка почна да работи на 15 август во Владивосток, во Приморскиот Крај (руски Далечен Исток), во Центарот за клеточни и репродуктивни технологии. Оваа криобанка веројатно нема да има проблеми со клиенти, зашто жителите почнаа да се обраќаат во центарот многу пред официјалното отворање. 

Матичните клетки се своевидно „биолошко осигурување“ во случај на болест. Од нив можат да се одгледуваат ткива неопходни за органи како што се црниот дроб и панкреасот. Тие можат да се користат и при лекувањето на мозочен удар, дијабетес, болести на срцето и на крвните органи, онколошки, па дури и генетски заболувања. 

Во Екатеринбург се произведуваат клетки
Чекањето на донаторско ткиво и стравот од отфрлање на пресадените клетки наскоро ќе остане зад нас. Во Русија започна со работа лабораторија опремена со „минифабрика“ за одгледување човечки клетки која ги исполнува сите меѓународни барања и стандарди.

Овие клетки се добиваат од папочната крв за време на раѓање на детето, но можат да се земат и од возрасен човек. Нив може да ги користат како самиот давател, така и неговите роднини. Минимална е веројатноста организмот да не ги прифати овие клетки, со оглед дека од него и потекнуваат.

Во март 2014 година, извршена е трансплантација од папочна крв за потребите на лекување на шестгодишната Карина од Чељабинск. Нејзе во 2010 година ѝ беше поставена дијагноза на Фанкониева анемија. Ова е ретко генетско заболување кое се манифестира во вид на цел комплекс симптоми. За време на болеста се развиваат хематолошка аберација и тумори. Единствена шанса за спас на Карина беше да ѝ се пресадат здрави матични клетки кои би можеле да ги заменат заболените. Во 2012 година Карина добила братче Никита. Неговата папочна крв послужила како материјал за трансплантација. 

Сè започна од ранувањата во борба 

Технологијата на примената на матичните клетки во Русија е разработена за потребите на Министерството за одбрана, и поради тоа истражувањата беа од затворен тип. За време на војната во Авганистан научниците на овој начин се обидувале да се борат против последиците од повреди на мозокот за време на ранувања. 

„Во Русија и понатаму се развива примената на матичните клетки во лекувањето на повреди на мозокот“, вели неврологот Андреј Брјуховецки, кој над 25 години се занимава со истражувања во оваа област. „Технологијата најпрво беше испробана на телиња. Ова беше направено во соработка со познатиот трансплантолог, академик Валериј Шумаков“. 

Цената на бесмртноста
Компанијата „КриоРус“ веќе цели осум години чува тела на покојници во течен азот за во иднина овие луѓе да можат повторно да се оживеат доколку науката пронајде начин за оживување на мртвите. Во процедура веќе имаат влезено 34 луѓе и 14 домашни животни, а потпишани се договори за уште над 100 луѓе. Нарачатели има и од САД и од Заедницата на независни држави. Мислењата за овој проект се разликуваат, но сопствениците на компанијата вложуваат пари во конкретни научни истражувања.

Министерството за одбрана во јуни годинава изрази желба да продолжи со истражувањата. Како што соопшти Александар Власов, заменик-началник на Главната военомедицинска управа на Министерството за одбрана, во Военомедицинската академија „Киров“ планирано е да се формира нова научна чета која ќе се занимава со создавање банка за матични клетки на војниците. 

Според него, четата ќе биде поделена на три вода: биолошко-фармацевтски, медицинско-превентивен и инженерско-технички. Првиот активно ќе се занимава со формирање банка за матични клетки на војниците што учествуваат во ризичните акции, меѓу другото и во зоните на вооружени конфликти. 

Исчезнати клетки 

Во Русија банките за чување матични клетки започнаа да се појавуваат уште на почетокот на веков, но  не сите успеаја да останат. На пример, кон крајот на април 2014 година во Москва изби вистински скандал: исчезна криобанката „Флора-мед“, која работеше од 2003 година. Заедно со неа исчезнаа и матичните клетки на новороденчињата, за чие чување клиентите уредно плаќале. 

Некои криобанки банкротираа. Можеби причината е во тоа што граѓаните на Русија, и покрај сè поголемата заинтересираност за регенеративната медицина, сè уште не можат да ги прифатат високите цени за чување матични клетки. Поради тоа услугите во московските банки за матични клетки се поевтини за разлика од другите земји во светот. Да кажеме, подготовката на клетки од папочна врвца во московските центри чини околу 95 илјади рубли (околу 2620 американски долари), додека во САД за истата улога се плаќа околу 12 илјади долари. 

За волја на вистината, во Русија има и успешни банки за матични клетки. На пример, Институтот за човечки матични клетки во 2013 година во Москва го отвори центарот за лекување генетски болести Gentico, во кој се лекуваат и болести на вродена наследна имунодефициенција, Краебова болест, Оменов синдром, Дајмонд-Блекфанов синдром, Фанкониева анемија и многу други болести. Во Русија во 2014 година родено е првото дете кое може да ѝ донесе спас на својата постара сестра која боледува од Швахман-Дајмондовим синдром. Наскоро центарот планира да започне со работа со семејства од Европа и од Азија. 

Во САД во моментов е во тек процесот на регистрација на препаратот Неоваскулген, кој е подготвен во Институтот за човечки матични клетки. Препаратот е наменет за лекување на исхемија на долните екстремитети, болест која во последно време доби размери на светска пандемија. Сега од оваа болест страдаат над 202 милиони лица. Во Русија се забележани околу 500 ампутации на милион жители годишно, што е најголем показател во светот. Неоваскулгенот веќе ја доби поддршката од Советот на биотехнолошките друштва во Мериленд.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња