Skvone – првиот руски антисмартфон

Skvone – новиот руски „антисмартфон“. Извор: Press Photo

Skvone – новиот руски „антисмартфон“. Извор: Press Photo

Една руска компанија за информациска технологија тргна кон освојување на пазарот со нов гаџет со минимум функции и голем потенцијал.

Руската компанија „Студио за трејлери“, која се занимава со создавање куси видеореклами, најави развој на сопствен телефон под назив „антисмартфон“ Skvone. Со изразниот префикс „анти“ овој гаџет има несекојдневна шема за управување, која се реализира со безжична врска со таблет, додека во самиот телефон е оставен само неопходниот минимум. 

Специјализираната апликација за таблети и за компјутери на iOS, Android, Mac и Windows оперативни системи овозможува да се управува со контактите, со будилникот, со кратките пораки, да се погледне список на повици, да се менува мелодијата на ѕвонењето. Управувањето се врши по протоколот Bluetooth. 

Skvone има мали димензии (95 × 45 × 7 мм), копчињата му се големи со крупни букви – она што е потребно за децата, за возрасните и за мрзеливите почетници со големи прсти. Направен е од алуминиум (задниот дел) и од „матирана скапа пластика“ (предниот панел). Батеријата не се одвојува, а се полни преку micro-USB. 

„Секој ден има сè повеќе корисници кои постојано со себе ги носат своите таблети. Како резултат на тоа потребата од многуфункционален телефон се намалува. Сепак, производителите, како да не го забележуваат тоа, додаваат сè повеќе и повеќе во телефоните, со што ги намалуваат неговите основни функции – долга работа без полнење, брза навигација, удобност во ергономијата“, објаснуваат конструкторите. 

Корисниците ќе имаат пристап за надградување, што ќе овозможи да се зголеми функционалноста на телефонот. Секој ќе може да си го направи телефонот според своите потреби. 

Треба да се уточни дека телефонот ќе може во целост да се користи и без синхронизација со таблет. Телефонот ќе има копчиња, но нема да има фотоапарат, мени, поздрави на екранот и прилагодувања. Исто така постои можност за избор мелодијата на јавувањата и СМС, будилникот, како и режим на вибрации. 

Благодарение на уникатна технологија за откривање на статичкиот електрицитет на човечката кожа, телефонот ќе „знае“ кога корисникот го зема, и автоматски ќе се деблокира за две секунди. 

Хипстерите кои никогаш не ги напуштат своите дома без замрсените кабли во ранците веројатно ќе мислат дека ова е научна фантастика, но на телефонот ќе има можност да работи до 30 дена со едно полнење во режим на стенд-бај. Програмерите велат Skvone ќе биде објавен наесен 2014 година.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.