Ѕвонот на Земјата предвидува земјотреси

Поголемиот дел космички бранови со ниска енергија доаѓаат од Сонцето, додека потеклото на високоенергетските бранови засега останува тајна. На илустрацијата: Земјата под влијание на високоенергетски космички бранови. Извор: НАСА.

Поголемиот дел космички бранови со ниска енергија доаѓаат од Сонцето, додека потеклото на високоенергетските бранови засега останува тајна. На илустрацијата: Земјата под влијание на високоенергетски космички бранови. Извор: НАСА.

Руските научници разработуваат домашна револуционерна идеја за предвидување на најнепредвидливата катастрофа – земјотресот. Македонија, како земја која е сеизмолошки активна, е посебно засегната, бидејќи со ова ќе може да се спречи следен „Скопје 1963“.

Научниците од Институтот за физика „П.Н. Лебедев“ при Руската академија на науките (ФИАН) предложија нов метод за прогнозирање земјотреси – според акустичките сигнали што ги генерираат мионите на космичките зраци. Првите експерименти се извршени на Тјаншанската висинска опсерваторија недалеку од градот Алмати во Казахстан, покажаа дека космичките зраци можат да се користат како природен инструмент за одредување аномален напон на сеизмичката зона. 

Миони се високоенергетски честици на космички зраци што продираат длабоко во земјата. Научниците на ФИАН пред околу 30 години ја изнесоа идејата за тоа дека акустичкиот одек што го генерираат мионите може да послужи како показател дека наскоро ќе дојде до земјотрес. Но, досега никој специјално не се занимавал со тоа. Експерименталната проверка на споменатата хипотеза подразбира користење сосема нови пристапи во предвидувањето подземни потреси, како и нова и прилично скапа опрема. Од друга страна, со помош на методот на прогнозирање на сеизмичките појави кои денес интензивно се развиваат, понекогаш не е можно однапред да се добијат исцрпни податоци за тоа каде, кога и со колкава сила ќе се случат тресењата на слоевите на земјината кора.

Тјаншанската лабораторија во Казахстан. Фотографија: И. В. Рудаков.

„Не може да се каже дека денешните методи се конзервативни. Тие се стабилни, разработени и интензивно се применуваат“, истакнува Владимир Рјабов, раководител на проектот и шеф на одделението за космички зрачења при ФИАН. „Меѓутоа, прецизноста од овие прогнози е прилично мала. Тоа го потврди и силниот земјотрес во Јапонија во март 2011.“

Неколку месеци по јапонската трагедија беа регистрирани неколку силни подземни потреси во Казахстан, во близина на градот Алмати, каде всушност се наоѓа Тјаншанската висинска опсерваторија на ФИАН. Тоа ги поттикна научниците да ги проверат теориските поставки што ги изложија нивните колеги во осумдесеттите години од минатиот век. Така настана концепцијата на сосема нов правец во потрагата за најавувачи на земјотреси, и тој правец се засновува на регистрирање на аномален акустички одек на сеизмичката зона под напон, кога на неа делуваат продорните честици од космичкото зрачење. За мониторингот на состојбите на сеизмичката зона научниците го применија космогеофизичкиот метод.

„Основата на овој метод е космичкото значење, поточно мионот како негова компонента“, објаснува Владимир Рјабов. „Млазовите миони како зрак од светлина го осветлуваат горните слоеви на Земјата, но можат да продрат и десетици километри во длабочината. Во зависност од сеизмичката активност за време на допирот со мионите, камената маса ослободува еластична потенцијална енергија, која генерира акустички бранови што можат да ги детектираат специјални сензори поставени на површината на Земјата или на одредена длабочина. По амплитудата на акустичкиот сигнал се одредува нивото на сеизмичност.“

Пример за регистрирање акустични сигнали кои се во временска корелација со мионско „чкрапало“ (временскиот момент е прикажан со вертикална линија), добиени за време на минувањето на група миони низ детекторите. Мониторингот на акустичниот одек може да се интерпретира како реакција на активирање на сеизмичкиот дисконтинуитет на длабочина од околу 100 метри во однос на уредот што го бележи минувањето на група миони. Илустрација: Владимир Рјабов.

Според мислењето на научникот, мониторингот на ваквото емитување на акустични сигнали може да се користи како индикатор за состојбата на сеизмичкото жариште што претходи на земјотресот. Притоа не е толку важен добиениот сигнал во конкретен момент, колку што е важна измената во тек на подолг период.

 

Во зависност од сеизмичката активност за време на допирот со мионите, камената маса ослободува еластична потенцијална енергија, која генерира акустички бранови што можат да ги детектираат специјални сензори.

Експериментите на Тјаншанската висинска опсерваторија извршени ова лето, покажаа дека минувањето на честиците што продираат длабоко во земјата предизвикува акустични одеци во длабочината на земјината кора со дисконтинуитет. Научниците регистрираа извесен број такви случаи, што наведува на претпоставката дека методот функционира.

„Сега треба да се изврши мониторинг во подолг период, да се постават неколку станици и да се сондира прилично голема површина во сеизмички нестабилно подрачје каде се наоѓаат објекти од витално значење“, смета Рјабов. Дојдовме до следниот заклучок: за со сигурност да се контролира ситуацијата, на пример, во околината на Алмати, треба да се постават осум станици и да се вршат истражувања неколку години.“

Ако експериментите продолжат и успешно завршат, науката ќе го добие првиот инструмент за прогнозирање опасни сеизмички појави, како и нови сознанија за влијанието на космичкото зрачење врз глобалните природни процеси.

Рускиот текст се наоѓа на Интернет-сајтот S&T RF.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња