Ројтерс
Најмногу „прав“ на овој самит крена доаѓањето на Барак Обама. Кога претседателот на САД сакаше да се симне од авионот, излезе дека организаторите за него немаат предвидено скали со црвен тепих, па затоа Обама, за разлика од лидерите од останатите земји, беше принуден да се симне по помошните скали кои беа спуштени од авионот во задниот дел. Згора на тоа, организаторите не им дозволија на новинарите од пулот на американскиот претседател да му се доближат на Обама и да го сликаат одблизу. Претставничката на Белата куќа се побуни и побара објаснување, кое веднаш го доби од кинеските претставници: „It’s our country, it’s our airport, okay?!“ („Ова е наша земја и наш аеродром, во ред?!“).
Голем дел од медиумите претпоставуваат дека овој инцидент сведочи за лошите односи помеѓу Вашингтон и Пекинг. Кинескиот весник South China Morning Post дури тврди дека Американците самите се откажале од мобилните скали, зашто човекот кој управувал со нив не зборувал англиски. Обама лично се огласи во врска со ова и рече дека не треба да се придава големо значење. „Тоа не се случи само тука, се случува и на други места. Кога сте земја-домаќин, понекогаш ви доаѓа преку глава“.
Ројтерс
Како што истакнува новинарот од рускиот претседателски пул Андреј Колесников од весникот „Комерсант“, со кинеските шофери во Хангџоу навистина имало проблеми. Наводно, многумина од нив се дојденци и не знаат на која страна треба да ги возат високите официјални лица.
На пример, по средбата на Путин со претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган, претседателот на Русија и луѓето од неговото опкружување долго време не можеле да стасаат до хотелот, тврди новинарот. „Половина час рамномерно кружевме околу прочуеното Западно езеро“, вели Колесников за „Комерсант FM“. „Можеби возачот бил дојденец, па сакал да ужива во убавините на ова езеро, зашто дотогаш немал шанса“, претпоставува Колесников.
Ројтерс
Претседателот на Русија во Хангџоу мораше да ја потсети премиерката на Велика Британија Тереза Меј на протоколот. По поздравувањето со членовите на делегацијата лидерите се приближија до фотелјите, а Путин уште еднаш ѝ ја подаде раката на Тереза за да се ракуваат пред камерите, онака како што налага протоколот, но новопечената премиерка веднаш седна на фотелјата, така што на Путин не му преостана ништо друго, освен учтиво да ја замоли да стане.
Портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, објасни дека во ова недоразбирање нема никаква политичка заднина. „Тоа не беше забуна. Таа (Тереза Меј) седна, а Путин ѝ предложи да се ракуваат пред камерите, како што е обичај“, рече Песков. „Таа во брзање тоа едноставно го заборави.
AP
Германската канцеларка Ангела Меркел билатералната средба со Путин ја започна со бодар поздрав „Guten Morgen!” („Добро утро!“), иако само што беше поминала полноќ. „Се надевам дека не се преморивте“, одговори Путин со израз полн со разбирање. „Добра вечер“. Меркел возврати дека по европско време е сè уште ден, така што воопшто не е изморена.
Путин немаше протоколарни проблеми со кинескиот претседател Си Ѓинпинг. Напротив, нивната средба беше „слатка“. На источниот економски форум кој се одржа непосредно пред самитот во Хангџоу, кинеските инвеститори на Путин му раскажале дека Кинезите многу го сакаат рускиот сладолед, но дека е тешко да се набави, зашто може да се најде само во Русија.
Рускиот претседател се заинтересира за ова прашање и најави дека на претседателот на Кина ќе му однесе како подарок сладолед. Речено – сторено. Путин во Хангџоу однесе цел пакет сладолед и му го врачи на Ѓинпинг на самиот почеток од средбата. Кинескиот лидер беше многу задоволен. „Секогаш кога одам во Русија ќе замолам да ми купат руски сладолед, па потоа дома сите го јадеме. Вие имате најдобра слатка павлака и затоа вашиот сладолед е особено вкусен“, го цитира Ѓинпинг „Росијскаја газета“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче