Македонија и Русија го прославија денот на победата

Амбасадорот на Русија Олег Николаевич Шчербак. Извор: Амбасада на Русија

Амбасадорот на Русија Олег Николаевич Шчербак. Извор: Амбасада на Русија

Оваа година по повод јубилејот 70 години од победата над фашизмот Амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија зеде активно учество во одбележувањето на овој голем настан. „Руска реч на македонски“ ги проследи сите настани и за своите читатели подготви куса информација за изминатите и за идните случувања поврзани со овој настан.

Првиот настан беше организиран во основното училиште „Димитар Миладинов“ во Скопје, каде се одржа натпревар по рецитирање стихови. По повод јубилејот сите стихови што ги рецитираа учениците од основните и од средните училишта беа со воена тематика. Учесниците беа поделени во три групи: од 6 до 11 години, од 12 до 14 години и од 15 до 18 години. Присутните беа восхитени од рецитациите и не беше ретка сликата кога на нивните очи се појавуваа солзи. Во секоја група беше избран по еден победник, а беше доделена и награда за артистичност во рецитацијата. Дипломи, книги и благодарници на сите учесници им додели Александар Алексеев, прв секретар задолжен за култура, образование, наука и спорт при Амбасадата на Руската Федерација во Македонија. 

Следниот настан беше одржан на 5 мај во просториите на НУБ „Св. Климент Охридски“, каде беше отворена изложбата „Победата над фашизмот. Како се постигна” на која беше ужасната слика на геноцидот во СССР и на окупираните територии во европските земји, вклучувајќи го и Холокаустот. На изложбата беа претставени и материјали за ослободувањето на европските земји од советските војници. И оваа изложба беше во организација на Амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија во соработка со НУБ. На настанот на присутните им се обратија рускиот амбасадор н.е. Олег Шчербак и директорот на НУБ Иван К. Заров. 

На 8 мај, пак, беше отворена Неделата на рускиот воен филм, која е организирана од Амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија во соработка со Кинотеката на Македонија. Ревијата ја отвори филмот „Нормандија-Неман“ на францускиот режисер Жан Древил. На прес-конференцијата по повод отворањето на ревијата, културниот аташе на Амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија Михаил Лушин истакна: „ Одлучивме да ја отвориме ревијата со овој филм од руско-француска копродукција со цел да го потенцираме големиот влог на Русија во победата над фашизмот. За оваа победа загинаа над 27 милиони советски жители, и ова е еден од начините да ја покажеме својата почит кон сите оние што се бореа со нас во антихитлеровската коалиција“. 
 
Извор: Амбасада на Русија 

Истиот ден, пак, во градот Прилеп беше положено свежо цвеќе пред споменикот на Могилата на непобедените. На настанот присуствуваа претставници на руската амбасада предводени од првиот секретар Александар Алексеев, како и почесниот конзул на Руската Федерација во Република Македонија Даринка Крстанова.

Утрото на 9 мај, на пристапната патека на кањонот Матка беше организирано положување свежо цвеќе пред споменикот на партизаните-антифашисти од 12 Ударна бригада кои загинале при ослободувањето на градот Скопје. На овој споменик, освен имињата на повеќе Македонци, се наоѓа и името на Италијанецот Николо Малдини и на Русинот Иван Колосенко. На настанот освен делегација на руската амбасада предводена од амбасадорот Олег Шчербак, учество зедоа и македонски ветерани, претставници на Собранието на Република Македонија, на Министерството за одбрана и на Генералштабот на вооружените сили на Македонија, како и низа воени аташеи од други земји. 

Најголемиот, најинтересен и највесел настан беше одржан на 9 мај во Скопје во населбата Аеродром, каде се одржа празничниот концерт „Ура за победата“, организиран од страна на Амбасадата на Руската федерација во Република Македонија, а во соработка со хотелот „Русија“ и со здруженијата на руските сонародници во Македонија. На концертот се пееја песни посветени на Втората светска војна, а ги исполнуваа познати македонски пејачи, хорови, музички состави, пејачи-аматери, а на сцената можеа да се видат и танчари и танцови колективи. Свој придонес во овој настан даде и редакцијата на „Руска реч на македонски“, која на посетителите бесплатно им го делеше празничниот број на своето печатено издание. Поддршка на настанот дадоа и членовите на мотоклубот „Ноќни волци – Македонија“, кои придонесоа за повесела атмосфера на концертот. 


Извор: Амбасада на Русија 

На 11 мај во хотелот „Александар Палас“ беше одржан и свечен прием, чиј домаќин беше Амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија. Поради прогласениот ден на жалоста настанот помина во траурна, но свечена атмосфера. Во своето обраќање пред присутните амбасадорот Шчербак, зборувајќи за стравотиите на Втората светска војна подвлече: „За оваа победа народите од целиот свет платија огромна цена – речиси 60 милиони загинати. Половината од нив беа државјани на мојата татковина, која врз себе го презеде најголемиот товар на војната. Дури и малата Македонија, чиј народ херојски се бореше против фашистичкиот окупатор, изгуби 33 илјади свои синови и ќерки. Денес се сеќаваме на сите нив – на Русите и на Македонците, на Србите и на Кинезите, на Американците и на Англичаните, на Французите и на Канаѓаните, со еден збор на сите оние што храбро се бореа против фашизмот, на оние што загинаа од глад и од бомбардирањата, на оние што беа мачени во нацистичките концентрациони логори. 

70-годишнината од победата над фашизмот беше одбележана и со низа предавања за Втората светска војна во повеќе институции во Република Македонија, на кои говореше културното аташе Михаил Лушин. Во текот на годината ќе бидат организирани и други настани, а одбележувањето на овој голем настан од светската историја ќе заврши наесен со изложбата посветена на 70-годишнината од отпочнувањето на Нирнбершкиот процес.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња