Извор: Ројтерс
Помеѓу Русија и САД сè повеќе постои недоразбирање и недоверба, што веќе го доведува во прашање продолжувањето на процесот на нуклеарно разоружување. „Руските власти, свесни за крајно неповолните надворешни околности, не сметаат дека намалувањето на количеството на нуклеарното оружје може да продолжи“, изјави за „Руска реч на македонски“ координаторот на програмата „Проблемите на неширењето на нуклеарното вооружување“ од Московскиот центар „Карнеги“ Пјотр Топичканов.
Згора на тоа, Москва според своите можности ќе продолжи и понатаму да ги развива своите нуклеарни сили. Министерството за одбрана на РФ последното тестирање на новата интерконтинентална балистичка ракета „Рубеж“ го оцени како успешно и е подготвено оваа ракета да ја воведе во своето вооружување. Потпретседателот на руската влада Дмитриј Рогозин веќе ја нарече „убиец ПРО“.
Се искомплицира и руско-американската соработка во сферата на неширење на нуклеарното вооружување. „Русија е и понатаму против појавувањето на нови нуклеарни држави. Но, таа не брза да ги поддржи иницијативите на САД во сферата на неширењето на вооружувањето, ами попрво се одѕива на меѓународните напори под покровителство на ОН“, додава Пјотр Топичканов.
Зголемена затегнатост
Според податоците од весникот Комерсант, во рамките на анкетата спроведена меѓу учесниците на Меѓународната конференција за прашањата за неширење на нуклеарното оружје, што фондот „Карнеги“ ја одржа кон крајот на март, над 40% од испитаниците сметаат дека е можно во следниве две години било Русија, било Америка да ги напуштат клучните спогодби од сферата на контролата на вооружувањето: Договорот за мерките за понатамошно намалување и ограничување на офанзивното вооружување (START III) или Спогодбата за ракети со среден и краток дострел (INF).
Според мислењето на директорот на Институтот за САД и Канада при Руската академија на науките Сергеј Рогов, денес односите помеѓу РФ и САД се заострени до крајни граници и веќе може да се зборува за нова студена војна. „Режимот на контрола на вооружувањето е загрозен. На удар се спогодбите START III и INF. Спогодбата за ракетите со среден и краток дострел би можела да биде раскината до крајот на 2015 година. Целиот систем што е создаден во времето на Студената војна се распаѓа. Доколку почне судир без правила, би можело да се врати времето на кубанската криза и балансирањето на работ на војна“, предупреди Рогов на прес-конференцијата во Меѓународната информациска агенција „Russia Today“.
Пјотр Топичканов е поголем оптимист: „Веќе доаѓа до натрупување на конвенционалното оружје. Но, тоа не треба задолжително да ја наведе Русија да ја напушти Спогодбата за ракети со среден и мал дострел. Постојат и други начини да се реагира, пред сè во сферата на конвенционалното вооружување“.
Неопходно е преиспитување
Партнерот во аналитичката агенција „Надворешна политика“ Андреј Сушенцов во разговор со новинарот на „Руска реч на македонски“ изјави дека постојат неколку можни сценарија за развој на руско-американските односи. Најлошо би било продолжувањето на политиката на изолација на Русија и заострување на санкциите. Но, според мислењето на експертот, Москва и Вашингтон би сакале да го избегнат ваквиот развој на настаните. Токму со ова, меѓу другото, се објаснува и упорното одбивање на администрацијата на Барак Обама да ја одобри испораката на значајни количества летално оружје за Украина.
Поумереното сценарио би подразбирало односите на Вашингтон со Москва да се развиваат по принципот на американско-кинеските односи. „САД во својата стратегија за национална безбедност како една од главните цели наведува дека не треба да се дозволи погрешна процена на кинеските потези“, објаснува Андреј Сушенцов.
Според него, до актуелнава криза дојде поради тоа што Американците кон Русите во текот на повеќе од 20 години не им покажале вакво внимание. „Американците сметаат дека Русија се наоѓа во надолна фаза на развој и дека не ѝ преостанува ништо друго, туку да ѝ се приклучи на евроатлантската заедница како според играч по условите на НАТО“, додава Сушенцов. „Кога Америка ќе стане свесна дека нејзиниот пристап е погрешен, тоа ќе отвори нова етапа во руско-американските односи“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче