Денот на победата во Русија може да се спореди според популарноста со Нова година, но по општественото значење е далеку пред неа. Извор: ИТАР-ТАСС
Секој странец што на 9 мај ќе ја посети Русија не може, а да не остане восхитен од масовноста на активностите на луѓето од сите возрасти кои се поврзани со прославата на победата на СССР во Големата татковинска војна и оддавање почест на ветераните: луѓето ги посетуваат воените споменици и парковите на победата, ги гледаат огнометите и седат на празнична трпеза. Изгледа како празникот воопшто да не ја изгубил својата актуелност во општеството во последниве неколку децении. Напротив, Денот на победата во Русија може да се спореди според популарноста со Нова година, но по општественото значење е далеку пред неа.
Меѓу многуте манифестации кои се одржуваат на 9 мај годинава, во Русија се спроведува и десеттата по ред акција „Георгиевска лента“. Под паролата „Јас паметам, јас се гордеам!“ во рамките на акцијата на сите бесплатно им се делат портокалово-црни ленти кои го симболизираат Денот на победата. На овој начин се укажува почит и се изразува благодарност на учесниците во Втората светска војна.
Освен Русија, во акцијата учествуваат над 60 земји, меѓу кои Германија, Кина, САД, Србија и Грција. Во Русија лентите се делат на улица, во продавници и трговски центри, на факултетите, на бензинските пумпи и на многу други места. Секоја година акцијата станува сè попопуларна и сè помасовна, особено меѓу младите во Русија. Младите луѓе ја ставаат лентата на палтата, на чантите, на автомобилите, па дури и ги носат како алка околу рака. Овој симбол е како мост кој поврзува неколку генерации граѓани на Русија.
Сепак, малкумина знаат дека симболиката на Георгиевската лента не потекнува од Втората светска војна, туку дека има подлабоки корени во руската историја. За волја на вистината, во врска со Георгиевската лента постојат и определени противречности.
Лентата која го носи името на свети Георги Победоносецот за првпат се споменува во 18 век. Во екот на руско-турската војна од 1769 година императорката Екатерина Велика го вовела Орденот на свети Георги (неговиот целосен историски назив е „Императорски воен орден на светиот великомаченик и победоносец Георги“). Орденот се добивал за лични заслуги на бојното поле и за унапредување во висок чин. Ова била највисоката воена награда во Руската Империја. Со орденот е поврзана уште една занимливост. Бидејќи свети Георги е христијански светител, за припадниците на другите религии во Русија била предвидена варијанта на орденот на која наместо Георги Победоносецот бил прикажан грбот на Русија со двоглавиот орел. Орденот бил укинат по Октомвриската револуција од 1917, а повторно е воведен во 2000 година.
Постојат различни мислења околу симболиката на боите на Георгиевската лента. Според најпопуларната верзија, црната и жолтата означуваат чад и пламен. Но, постојат и други толкувања. Некои, на пример, сметаат дека овие бои се засновуваат на житието за свети Георги Победоносецот и ги симболизираат смртта и воскреснувањето. Освен тоа, постојат и гледишта според кои овие бои на лентата биле државен атрибут уште во времето кога национален грб бил двоглавиот орел на златна позадина.
Секој странец што на 9 мај ќе ја посети Русија
не може да не остане восхитен од масовноста на активностите на луѓето од
сите возрасти кои се поврзани со прославата на победата на СССР во Големата
татковинска војна. Извор: ИТАР-ТАСС
Во Втората светска војна врз основа на Георгиевската е воведена Гардиската лента. Таа се појавила на воените ордени, пред сè на Орденот на Славата. Овие две ленти се разликуваат според тоа што Георгиевската е црно-жолта, а Гардиската портокалово-црна. Но, откако во 2005 година беше покрената акцијата „Георгиевска лента“, руските медиуми и советската Гардиска лента почнаа да ја нарекуваат Георгиевска, што во суштина е погрешно. Забуна настана и уште поради тоа што лентите во рамките на акцијата се делат како Георгиевски, а по комбинацијата на боите се всушност Гардиски, односно портокалово-црни.
Како и да е, денес Георгиевската лента е препознатлив симбол на сеќавањето на војната, симбол на благодарност кон оние кои за победата во таа војна не жалеле ниту сили, ниту ги жалеле своите животи. Според најновите анкети, мнозинството граѓани на Русија (над 80%) ја поддржува оваа акција и на овој или на оној начин учествува во неа.
Покрај сето останато, во руското општество постојат и критичари кои сметаат дека лентата е само „гламурозен атрибут на празникот“ и пропагираат дека станува збор за лекомислен однос кон Денот на победата, зашто за „паметење и гордост“ не е доволно само „да се закачи лента на јавно место“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче