МНР на РФ: Русија повикува „да се бара општоукраински консензус во интерес на националното примирје“. Извор: Ројтерс
Министерството за надворешни работи на Русија излезе со мошне остра изјава во која ја изразува загриженоста на Москва за развојот на настаните во Украина, со обидите за поткопување на правата на Русите и на другите малцинства, а исто така и со стремењето на „некои западни партнери“ на фонот на нестабилноста да ги реализираат сопствените геополитички амбиции.
Во специјална изјава рускиот дипломатски ресор забележува дека без разлика на Спогодбата од 21 февруари, ситуацијата во Украина останува нестабилна: Бунтовниците не се разоружени, одбиваат да ги напуштат улиците на градовите кои тие фактички ги контролираат, одбиваат да ги ослободат административните згради, продолжуваат акциите на насилство“.
Особено незадоволство кај руските власти предизвикува фактот што низа европски политичари го поддржаа објавувањето за спроведување претседателски избори во Украина во мај, а не по завршувањето на уставните реформи, како што се предвидува во Спогодбата од 21 февруари. „За успех на оваа реформа во неа треба да учествуваат сите политички сили на Украина и на сите региони, а резултатите од неа да бидат изразени преку сенароден референдум“, се подвлекува во изјавата на МНР.
Во врска со тоа Москва ги потсетува политичарите во Киев на неопходноста да го слушнат мислењето на источните и на јужните области на Украина, Крим и Севастопољ, каде преовладува рускојазичното население и многу поддржувачи на претседателот Виктор Јанукович. Ова, всушност, претставува повик да не се дозволи понатамошна поларизација на украинското општество и раскол на земјата.
Исто така Москва се сомнева во законитоста на последните одлуки на украинскиот парламент: Повикувајќи се фактички само на „револуционерната целесообразност“, таму се печатат „одлуки“ и „закони“, меѓу кои и такви кои се насочени кон намалување на хуманитарните права на Русите и на другите национални малцинства кои живеат во Украина“.
Руското министерство за надворешни работи обрнува внимание на последните законодавни иницијативи на новите власти во Киев – на „повиците за речиси целосна забрана на рускиот јазик, лустрација, ликвидација на партии и на организации, затворање на неподобните медиуми, симнување на ограничувањето на пропаганда на неонацистичката идеологија“.
Загриженост кај Русија предизвикува и агресивното расположение на опонентите на претседателот Јанукович. „Се зазема курс за со диктаторски, а понекогаш и со терористички методи да се задушат оние што не се согласуваат во различни региони на Украина“, предупредува МНР на РФ и подвлекува дека ваквиот развој на настаните „претставува закана за граѓанскиот мир, за стабилноста на општеството и за безбедноста на граѓаните“.
Одделно во изјавата се говори за тоа дека во позицијата на некои западни земји се набљудува не загриженост за судбината на Украина, туку еднострана геополитичка пресметка и стремеж на насилен пат да се дојде до смена на власта под покритие на Спогодбата од 21 февруари.
Русија, пак, повикува „да се бара општоукраински консензус во интерес на националното примирје“ и им се обраќа на сите сили кои се поврзани со кризата во Украина, да покажат максимална одговорност и да не допуштат понатамошно влошување на ситуацијата, да го вратат законот и да не допуштат доаѓање на екстремистите на власт.
Рускиот текст на сајтот на Министерството за надворешни работи на РФ.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче