Размената на искуства и знаења ќе продолжи

Вероника Скворцова, министер за здравство на РФ и Никола Тодоров, министер за здравство на РМ. Извор: Министерство за здравство на РМ

Вероника Скворцова, министер за здравство на РФ и Никола Тодоров, министер за здравство на РМ. Извор: Министерство за здравство на РМ

Кон крајот на минатата година во посета на Руската Федерација отпатува министерот за здравство на Република Македонија, Никола Тодоров. Во ексклузивно интервју за „Руска реч“ тој зборува за текот на својата посета, како и за импресиите и плановите за соработка на полето на здравствената заштита.

Руска Реч: Која беше првичната цел на Вашата посета на Руската Федерација? 

Никола Тодоров: Размената на искуства, поточно заедничкото барање решенија за современите предизвици со кои се соочуваме е императив за сите министри за здравство. Неодамнешната средба со министерката за здравство Вероника Скворцова ја сметам за извонредно важна за развојот на билатералните односи меѓу нашите две пријателски држави. Убеден сум дека оваа средба ќе биде една од низата на кои заедно со здравствените експерти од двете земји ќе се работи заедно во интерес на здравјето на населението.

РР: Од каде се појави интересот за запознавање и за соработка во врска со прашањата од областа на здравството во Руската Федерација? 

НТ: Размената на искуства и знаења меѓу македонските и руските лекари верувам ќе продолжи и ќе се продлабочува. Заедничка заложба е да имаме целосна соработка во сите сфери на здравството, во развојот на човечките ресурси и, генерално, во развој на здравствените реформи во двете земји, како и продлабочување на соработката во областа на фармацијата и унапредување на здравствената заштита на населението. За потсетување, една од мерките на Владата на РМ која го раздвижи процесот на намалување на цените на лековите на пазарот во нашата земја е донесената Методологија за формирање на цените на лековите. Согласно усвоената методологија Руската Федерација е една од 12 референтни земји и официјалните податоци на нејзиниот надлежен орган за цените на големо на лековите се користат за споредување со цените на големо на лековите во другите земји, а со тоа и за утврдување на максималната цена на лекот на големо во Република Македонија. Разбирливо е дека големината на  пазарот во Русија и асортиманот на застапените лекови во оваа земја овозможи голема економска придобивка за здравствениот систем во Република Македонија и отвора можност секој пациент да избере лек по пониска цена. На овој начин  Република Македонија развива политика на достапност на лековите и од другите пазари, надвор од ЕУ, со цел постигнување поголема конкуренција и намалување на цените на лековите.

Агенда

Извор: Министерство за здравство на РМ

РР: Каква беше и од што се состоеше агендата на посетата? 

НТ: За време на работната посета, како што кажав, беше остварена средба со министерката за здравство Скворцова, со која дискутиравме за значајни теми од областа на здравството, за започнување сериозна соработка во делот на  размена на искуства и знаења меѓу нашите лекари и лекарите од Руската Федерација. На средбата беа презентирани и реформите во здравствениот систем во Република Македонија, меѓу кои како позначајни би ги споменал набавката на нова медицинска опрема во јавните здравствени установи во РМ, изградбата на нови болници, реконструкции на постојните, како и инвестирање во здравствениот кадар. Посебно е значајно што во рамки на посетата беше потпишан Договор за соработка меѓу Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип и Московскиот државен универзитетот „М.В. Ломоносов“.

Од руска страна беше искажан интерес за реформите кои ги спроведува Министерството за здравство на РМ, особено во делот за намалувањето на цените на лековите и за референтните цени и можна примена на македонското искуство во здравствениот систем на Русија. За време на средбите посебен акцент беше ставен на обновата на Комитетот за здравство со претставници од двете министерства, со цел тој за кусо време да почне со работа.

Средби

РР: Какви средби беа остварени при посетата? 

Во состав на македонската делегација беа и ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Велимир Стојковски, како и деканите на Медицинскиот факултет во Скопје и на Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, Никола Јанкуловски и Рубин Гулабоски, кои остварија работна средба со ректорот на Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“, Виктор Антонович Садовничи. Како што споменав, за време на посетата, беше потпишан Договор за соработка меѓу Факултетот за фундаментална медицина при Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“,  Медицинскиот факултет од Скопје и Факултетот за медицински науки од Штип. Договорот за соработка ќе овозможи поддршка на академска соработка на професори, додипломци и постдипломци во научни истражувања и образовни процеси, развивање на наставните планови, зајакнување на наставата и истражувачките активности на институциите.

НТ: Дали Република Македонија е заинтересирана за најновите достигнувања во областа на медицината во Русија и какви се Вашите впечатоци од посетата на Руската Федерација? 

Наша главна заложба е да продолжи размената на искуства и знаења меѓу македонските и лекарите од останатите држави во светот, а особено е добредојдено искуството од руските лекари во сите сфери на здравството, со акцент на континуираната надградба на човечкиот потенцијал и генерално во натамошен развој на здравствените реформи во двете земји.

Соработка во фармација

РР: Во која насока може да се очекува соработка помеѓу Република Македонија и Руската Федерација на полето на здравствената заштита? 

НТ: Уверен сум дека ќе продолжи одличната соработка меѓу Македонија и Руската Федерација во повеќе области, а особено во областа на фармацијата. Така, на пример, фабриката „Продис“ е основана како заедничка македонско–руска инвестиција. Во моментот е завршена првата фаза од инвестицијата вредна околу 5.5 милиони евра. Наскоро се очекува и почетокот на втората фаза, во која ќе се изгради уште еден производен капацитет со вредност од околу 6 милиони евра, со кој ќе се издвои производството на хомеопатските производи  од производството на чаеви и житарки. Дополнително ќе следи и третата фаза во која ќе се обезбеди простор за репроматеријали и  ќе се заокружи процесот на генерирање на репроматеријали и производство. Во моментов „Продис“ е во фаза на подготовка за сертификација од соодветните тела на Руската Федерација, со цел започнување извоз на хомеопатски лекови и мултивитамини.

На пазарот во Руската Федерација се застапени и нашите два најголеми производители на лекови „Алкалоид“ и „Реплек фарм“, кои извезуваат препарати, но и готови лекови од групите на антибиотици, антиревматици, кардиотоници, бета-блокатори и друго, а годишниот промет за лековите извезени во Русија е околу 2 милиони евра, со очекување истиот да се зголеми во текот на 2014 година. Освен во фармацијата, исто така, очекуваме соработката да продолжи и преку организирање стручни обуки на медицинскиот персонал, натамошно развивање на електронското здравство и слично.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња