И опозицијата на преговори?

ФОТО: Извор: Reuters

ФОТО: Извор: Reuters

Лавров сака да ги придобие сириските бунтовници за мировните преговори.

Министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров ги повика колегите од Западот, кои можат да извршат влијание врз сириските бунтовници, да се обидат да ги доведат на мировната конференција „Женева-2“. Министерот смета дека бунтовниците кои ќе дојдат на средбата ќе мораат да бидат „одговорни“, не ќе смеат да мислат само за тоа како да ја преземат власта, туку мораат да учествуваат во дијалогот за зачувување на „територијалниот интегритет на државата Сирија“.

„Не е исклучена можноста на конференцијата да учествува и вооружената опозиција, доколку не застапува екстремистички, терористички погледи. За ова зборуваше и претседателот Башар ал Асад“, ја пренесува ИТАР-ТАСС изјавата на Лавров од прес-конференцијата по преговорите со главниот секретар на Организацијата за исламска соработка Екмеледин Ихсаноглу.

Меѓународната конференција „Женева-2“ е предвидена за средината на ноември. Сепак, постои можност таа да биде одложена, со оглед на тоа дека е потребно дополнително време за формирање на опозициската делегација.

Претставникот на Националната коалиција на сириските опозициски и револуционерни сили во Европа Мунзер Махос за Интерфакс изјави дека потесниот состав на делегацијата ќе биде составен од Националната коалиција, но во него ќе влезат и претставници на други опозициски групи, како и Курдите.

Засега сè уште не е поставено прашањето за тоа кој ќе ја предводи делегацијата, но Мунзер Махос претпоставува дека тоа би можело да биде лидерот на Националната коалиција Ахмад Џарба или некој од неговите помошници.

Лавров се сомнева дека западните држави ќе успеат да ги подготват своите претставници до средината на ноември, јавува Ројтерс. На прес-конференцијата во Москва министерот за надворешни работи не ја пропушти можноста да потсети дека експертите на ОН кои двапати ги посетија местата на напад со хемиско оружје во Сирија, не биле во околината на Алеп, каде, како што тврдат руските експерти, на 19 март бил користен отровниот гас сарин. Руската проверка покажала дека тој бил направен во „домашна работилница“. Но, групата на ОН ја заврши својата работа и се враќа во Њујорк.

„Настанот од 21 август не е единствениот што треба да го истражи Аке Селстром. Сакаме да знаеме дали извештајот ќе биде целосен, со оглед на тоа што мисијата не успеа да ги посети сите места. Ќе ги дочекаме резултатите“, изјави министерот. Лавров изјави дека Русија во секој случај ќе се обиде да ги најде виновниците за случувањата во март.

Излез од сирискиот ќор-сокак?

Активната позиција на Русија по сириското прашање е поврзани и со тежнеењето да се „пополни вакуумот“ кој настана на Блискиот исток по „арапската пролет“ и по заминувањето на американската војска од Ирак, смета весникот „Вашингтон пост“.

„Многу нешта го предизвикуваат однесувањето на Русија во регионот, но главното е тежнеењето на Москва да ја нагласи незаменливата улога на руската држава во светот, особено во споредба со беспомошната Америка“, се вели во весникот.

Обама нагласи дека не смета оти Блискиот исток или конфликтот во Сирија е подрачје за конкуренција со Русија. „Студента војна заврши одамна“, изјави тој минатата недела во својот говор во ОН. Сепак, сомнително е тоа што ни Русија не сака да се натпреварува со САД во овој стратешки важен регион“, пишува „Вашингтон пост“, осврнувајќи се на мислењето на арапските аналитичари.

Рускиот текст на сајтот Newsru.com

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.