Летото 1942 година на територијата на Советскиот Сојуз беснеела Втората светска војна. Огромна територија во западниот дел на СССР била под германска окупација. Советските напори насочени кон ослободување на својата земја од нацистите сè уште не беа вродиле со плод. Втората ударна армија на Волховскиот фронт учествувала во обидот за давање помош на жителите на Ленинград за време на опсадата, но на 12 јули се нашла во опкружување на германските единици и доживеала целосен пораз.
Две недели подоцна, локалниот селски старешина ги известил Германците дека фатил сомнителен човек, можеби партизан, и дека го држи во шупата. Кога Германците со подготвени митралези се приближиле на шупата, од неа излегол висок човек со очила и на лош германски јазик им рекол: „Не пукајте. Јас сум генерал Власов“. Тоа бил прилично крупен лов. Андреј Власов командувал со Втората ударна армија и претходно јуначки се борел, бранејќи ги Киев и Москва.
Генерал Андреј Власов
Getty ImagesМеѓутоа, неговата слава набргу по овој настан била во целост поништена и помрачена со срам зашто Власов се сложил да ѝ служи на Германија и да застане на чело на таканаречената Руска ослободителна армија, составена од советски заробеници кои се свртеле против својата сопствена земја. Дури и денес името на Власов се асоцира со предавство. Тој стана симбол на колаборационизмот така што советските предавници кои во Втората светска војна работеле за Германија денес се нарекуваат Власовци. Факт е дека со нацистите соработувале и многу други советски граѓани и Руси по националност кои немале врска со Власов.
Втора светска војна. Доброволци на Руската ослободителна армија (Власова армија), 1944 година.
Getty ImagesСоветскиот колаборационизам, благо речено, не е премногу популарна тема за разговор во Русија, иако и тоа е дел од нејзиното советско наследство: „Речиси 50 години во нашата земја се премолчува фактот на колаборационизмот“, истакнува историчарот Сергеј Дробјазко кој дава детална анализа во својот труд „Под непријателското знаме: Антисоветските формации во Вермахтот, 1941-1945“.
И самиот факт дека имало советски граѓани кои преминале на страната на Хитлер и се бореле против советските власти бил премногу скандалозен за да се разгледува во советскиот период. И тоа не била некоја мала група „фрикови“. „Речиси 1.2 милиони луѓе – советски граѓани и руски емигранти – служеле во Вермахтот, во СС-единиците, во германската полиција и во одредите наклонети на Германците (меѓу нив имало 700.000 Словени, 300.000 луѓе од балтичките земји и 200.000 Турци, Кавказци и од останатите помали етноси)“, пишува Дробјазко.
Тука треба да се имаат предвид два важни моменти. Прво, ова не значи дека сите 1.2 милиони луѓе навистина војувале против Советскиот Сојуз. Поголемиот дел од овие луѓе служеле во полиција, или како возачи, и/или не биле на Источниот фронт. Второ, овој број е прилично мал со оглед дека според пописот од 1939 година пред војната во Советскиот сојуз имало 170.000 милиони жители. Со други зборови, огромно мнозинство советски граѓани храбро се бореле против нацистите и биле верни на својата татковина. Но, сепак треба да се запрашаме зошто толку многу Руси преминале на страната на Германија.
Германска патрола разговара со војник на Руската ослободителна армија на генерал Власов.
Андреј Котљарчук/Global Look PressСоветскиот Сојуз пред војната малку личел на моќен џиновски црвен монолит, особено однадвор, но всушност однатре имал сериозни проблеми. Не сите Совети, благо речено, биле задоволни со власта на болшевиците, особено во светлото на безмилосните репресии за време на Јосиф Сталин. Освен тоа, почетокот на војната бил катастрофален. Во летото и есента 1941 година нацистите окупирале огромна територија и тргнале кон Москва. Многумина се сомневале дека таа воопшто може да пружи отпор.
„Катастрофалниот пораз што го доживеала Црвената армија летото и есента 1941 година внеле вознемиреност. Луѓето веќе размислувале за лошото раководство, за неспособноста на руските власти да ја контролираат ситуацијата, па дури и за предавство. Згора на тоа, во војната до израз дошле многу противречности на советското општество...“, нагласува Дробјазко. Понатаму тој истакнува дека, од друга страна, „не сите што настрадале од режимот на Сталин нашле за сходно да се сетат во тој момент каква опасност ѝ се заканува на земјата“.
Руси во германската армија, Источен фронт 1941-1945. Детаљ на германски пропаганден плакат.
Getty ImagesОлег Будницки, директор на Меѓународниот центар за историја и социологија на Втората светска војна нагласува колку била тешка дилемата пред која се нашле многубројните колаборационисти: „Поголемиот број [Совети кои се бореле за Германија] станале помагачи на нацистите во определени околности... Во критична ситуација ти ја избрале варијантата за која сметале дека е помало зло, или која едноставно можела да им го спаси животот“. Советската власт не правела многу за да се избегне таквата ситуација. Од самиот почеток на војната односот кон заробените советски војници бил подозрив. Тие се третирани како потенцијални предавници. Тоа некои ги поттикнало навистина да станат предавници.
Од друга страна, истакнува Будницки, постоел и извесен процент луѓе кои длабоко ги мразеле болшевиците и се бореле против СССР од идеолошки побуди. Тоа биле емигранти од некогашната „Бела армија“ кои ја напуштиле Русија кога „црвените“ победиле (иако само мал дел од нив преминале на страната на нацистите), а исто така и луѓе чии територии СССР ги анектирал пред Втората светска војна, односно од поранешните независни балтички држави и од подрачјето на западна Украина и западна Белорусија кои претходно ѝ припаѓале на Полска.
Доброволци на Руската ослободителна армија од козачкиот полк „Платон“ (кои се бореле на страната на Германците во Втората светска војна), 1943 година.
Getty ImagesДоколку Третиот рајх во целост ги искористел луѓето кои сакале да војуваат против СССР, неговите шанси за победа ќе биле многу поголеми. „Отпорот на војниците на Црвената армија ќе биде скршен оној ден кога тие ќе сфатат дека Германија ќе им донесе подобар живот од Советите“, рекол во 1942 година Ото Бројтигам, чиновник во германското Министерство за окупирани територии.
Идејата да се потенцира „Русија без комунисти“ била популарна кај некој официјални лица на Рајхот. За среќа на Москва, тврдоглавоста на Хитлер ја засекла таа идеја во корен. Тој не сакал ни да слушне за руска држава која би била антикомунистичка или лојална нему. Неговата доктрина изискувала да се уништи СССР, а воедно и самата свест за руската држава, и да се заземе целиот нејзин животен простор. „Најглупаво што може да се направи на окупираните источни територии е да им се даде на окупираните народи оружје“, инсистирал Хитлер.
Токму поради тоа нацистите како средство за пропаганда сè до 1944 година (кога паднале во очај) ги користеле само Советите кои им биле наклонети на Германците, вклучувајќи ги Власов и Руската ослободителна армија. Со задоволство ја бомбардирале Црвената армија со летоци во кои ги повикувале советските војници на побуна, но фактички одбивале на Власов да му доверат поефикасна воена формација. Вермахтот имал уште една руска формација. Тоа бил Рускиот заштитен корпус. Тој е користен во Југославија 1942-1944 за борба против локалните партизани, но Хитлер не им верувал доволно на Русите за да им дозволи да војуваат против СССР.
Андреј Власов, ноември 1944 година
Getty ImagesСето тоа се сменило во септември 1944 година, кога Црвената армија се приближувала на Германија. Во тој момент нацистите веќе биле толку очајни што користеле сè што би можело да помогне во зачувување на нивната империја. Хајнрих Химлер лично се состанал со Андреј Власов и го одобрил формирањето на Комитетот за ослободување на народот на Русија и неговите вооружени сили под команда на Власов. Овие вооружени сили изнесувале околу 50.000 лица.
Новите единици на Власов војувале против Црвената армија само три месеци – од февруари до април 1945 година. Како што веројатно претпоставувате, во таа борба немале некој особен успех. Во тој момент нацистичка Германија веќе била осудена на пропаст. По нејзиниот слом Советите го уапсиле Власов и сите негови команданти, набргу ги осудиле на смрт, ги погубиле и ги заборавиле.
„Според мене, не може да постои никакво оправдување за луѓето што им помагале на нацистите, независно од нивните мотиви“, вели Олег Будницки. „Секако, болшевичкиот режим бил ужасен и нехуман, но нацизмот, на кои овие луѓе му служеле, бил апсолутно зло“.
Прочитајте исто така: Како руските Евреи можеле да станат генерали на Вермахтот?
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче