Операција во Сирија: кои се добрите и лошите страни за Русија

Дормидонт Вискарев
Со одлуката да земе учество во сириската војна, Москва во голема мера ги зајакна своите позиции во светот и во регионот, но во исто време презеде врз себе и сериозен ризик, кој, меѓу другото, е поврзан и со можноста за нејзино понатамошно воено присуство во Сирија за мошне долг период.

Руската авијација на сириското небо ја потресе меѓународната јавност во првите часови, но таа воопшто не беше никакво изненадување. За можностите за вакво сценарио започна да се зборува кон средината на ова лето, кога во медиумите започнаа да се појавуваат гласови за руски воени лица кои често ја посетуваат Сирија и кои активно ги проучуваат локалните аеродроми. Информацијата за реконструкција на аеродромот во Латакија, а исто така и на уште два други аеродроми само ги подгреа сомнежите во однос на намерите што ги има Москва. Кога на крајот од септември низа воени експерти почнаа да зборуваат за тоа дека бројот на испорачани авиони и хеликоптери во Сирија го надминал бројот на сириски екипажи кои можат да управуваат со нив, сомнежите дека Русија ја разгледува веројатноста за воена интервенција во сирискиот конфликт почнаа да излегуваат на површина. И операцијата започна.

На пат кон Дамаск

Гледано во целина, одлуката на Москва да земе учество во сириската војна се вклопува во рамките на пошироката стратегија на руското раководство кога станува збор за Сирија. Целта на оваа стратегија е сирискиот конфликт да се реши во согласност со гледиштата на Кремљ. Москва ја признава потребата за промена во политичкото устројство на оваа земја, но доследно инсистира на тоа дека секоја промена треба да се одвива во облик на постепена трансформација на постојните државни институции, а не по пат на нивна итна демонтажа со примена на сила или на некој друг начин.

За руското раководство Башар ал Асад е гарант за опстанокот на Сирија како земја и залог за успешна борба против „Исламската држава“. Русија и понатаму го гледа него како учесник во преговарачките процеси, во преговорите меѓу легитимната власт и оние што руските власти ги означија како „здрави“ елементи на опозицијата. Во овој контекст Москва смета дека не може да стане збор за заминување на Ал Асад како услов за започнување на преговори.

Ваквиот пристап од многу причини не му одговара на Западот и на определени земји од Блискиот Исток. Москва, меѓутоа, очигледно има намера да го заврти нивното гледиште на ситуацијата во своја корист и се обидува да го постигне тоа, дејствувајќи во два правци. Од една страна, Русија по дипломатски канали пролетоска го интензивираше дијалогот со меѓународната заедница во обид да се измени нејзиното расположение кон Сирија. Од друга страна, таа од август дава сè поголема воена поддршка на легитимните сириски власти на чело со Ал Асад, со цел да се гарантира нивниот опстанок до почетокот на преговорите, а исто така и со цел Москва да добие можност за влијание врз ситуацијата во Сирија и надвор од неа. Во оваа смисла одлуката за воздушни напади и за воено присуство (иако ограничено) во Сирија претставува значаен адут во рацете на Русија.

Сириски адути

На прво место треба да се истакне дека руското воено присуство во Сирија во голема мера ги зголемува шансите за опстанок на владата на Ал Асад. Дури ни руските експерти не се сомневаат во тоа дека во случај на потреба Москва може да ја примени авијацијата против опозициските сили што не се поврзани со ИДИЛ. Русија мошне нејасно ги определува параметрите, што овозможува една или друга сириска група да се вброи во оние што се терористички. Како резултат на тоа, во оваа група можат да влезат и најголемиот број претставници на сириската воена опозиција.

Второ, се сведуваат на минимум шансите за интервенција против владата на Башар ал Асад од страна на трети земји. Претходно Русија стравуваше дека американската коалиција или турските сили можат да бидат искористени за напад врз сириската армија со цел таа да се ослаби и да се симне Ал Асад. Сега е малку веројатно дека такво нешто ќе се случи. Москва воедно ја ширеше и идејата за создавање на алтернативна коалиција против ИДИЛ во која може да влезе и власта на Ал Асад. На овој начин Русија, полека, но сигурно,  се обидува да го извлече Башар ал Асад од изолација и повторно го легитимира како актер во политичките збиднувања.

Трето, се зајакнуваат и позициите на самата Москва на меѓународната дипломатска сцена. Отсега ќе биде тешко да се донесе каква било значајна одлука за Сирија без учество на Русија. Контактите помеѓу Москва и Западот станаа поинтензивни откако започна бомбардирањето. Згора на тоа, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, по сè изгледа, беше задоволен од резултатите од разговорите со американскиот државен секретар Џон Кери.

Опасности од операцијата

Сепак, руската одлука има и свои лоши страни. Пред сè, новиот остар потез на Москва во Сирија веднаш по говорот на Путин во ОН претставува своевидна шлаканица за Западот и за многу блискоисточни земји, што во голема мера го отежнува секој обид да се постигне договор.

Русија ќе има тешкотии и за време на воспоставување однос со „здравиот“ дел на сириската опозиција. Сега Москва во очите на опозицијата е непосреден учесник во конфликтот кој се бори на страната на Дамаск. Со самото тоа сите обиди на Москва да игра улога на посредник помеѓу сириската власт и нејзините противници ќе бидат дочекани со поголеми проблеми, отколку за време на подготовките на мировните иницијативи „Москва 1“ и „Москва 2“.

И на крајот, постои и практично прашање: ќе има ли доволно пари? Дури и ако се претпостави дека Москва ќе испраќа само авијација, сепак тоа ќе биде прилично скапа операција. Војната против ИДИЛ може да трае и неколку години.

Николај Кожанов е консултант на програмата „Надворешна политика и безбедност“ на Московскиот центар „Карнеги“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.