Оваа особеност на македонската граматика според степенот на тешкотиите секако го зазема првото место. Благодарение на искуството на изучување други европски јазици самиот поим член кој не постои во рускиот, за говорителите на рускиот јазик е познат. И, во принцип, не е чудно тоа што членот може да се менува по родови (на пример, во францускиот или во шпанскиот исто така се менува по родови). Необично е што членот во македонскиот јазик е на крајот од зборот, се слева со него, а исто така има и три форми: -от, -он, -ов. Но, на тоа се навикнуваш брзо. Вистинската тешкотија започнува кога треба да се употребува во говорот. Секако, постојат правила со кои во голем дел се објаснуваат принципите на употребата на членот. Освен тоа, некои луѓе се обидуваат да направат паралела со други европски јазици. Но, дури и оние кои добро го владеат македонскиот јазик, кои се занимаваат со него професионално, често си го поставуваат прашањето: А, потребен ли е тука член? На оние чиј мајчин јазик е рускиот, тешко им е да го сфатат и да го усвојат членот онака како што тоа го прават Македонците, зашто тоа едноставно не секогаш го „чувствуваат“.
При запознавањето со прекажаната форма првата реакција е обично следнава: каква врска има дали сум бил сведок на настанот или не, зборувам ли во свое име или прераскажувам нечии зборови? Дополнителна тешкотија создава наставката –л која се употребува во формирањето на оваа форма: кај Русите таа се поврзува со минато време. Но, кога малку ќе навикнеш на прекажаноста, почнуваш да сфаќаш дека тоа е мошне интересна особеност која во себе содржи многу дополнителни можности за предавање на емоционални нијанси. Сепак, Русите честопати знаат да заборават на прекажаноста. Ми се случувало во ситуации кога раскажувам за нешто да ме прашаат: „Ти си била таму или ти имаат зборувано за тоа?“ И тогаш ќе ми текне: „Ах, да, тука прекажаност треба...“
Според тоа колку е чудна, оваа граматичка особина на македонскиот јазик не заостанува зад прекажаноста. И главното прашање при запознавањето со неа е: зошто се сиве овие кратки заменки од типот го, му, ја, им и слично, кога тие „се дуплираат“ со определени зборови во реченицата? Но, со добро објаснување за тоа како правилно да се направи врска помеѓу зборовите во македонската реченица, сè си доаѓа на свое место. И оние кои еднаш ќе го научат тоа добро, ретко прават грешки. Тоа не може да се каже за оние што не учеле македонска граматика. Многу често удвојувањето на објектот кај нив „отпаѓа“, тие не го гледаат и не го употребуваат.
Доколку се спореди системот на времиња во рускиот и во македонскиот јазик, тогаш може да се забележи дека во македонскиот тој е многу поразвиен. Во рускиот јазик постојат 4 времиња: сегашно, минато и две идни – просто и сложено. А, во македонскиот: сегашно, аорист, имперфект, перфект 1, плусквамперфект 1, перфект 2, плусквамперфект 2, минато идно, па згора на тоа и прекажаност. Да не зборуваме дека не постои специјална форма за инфинитив на глаголот. Затоа е потребно време човек да се снајде во сево ова.
Македонскиот јазик за руското уво е мошне тврд, затоа е многу лесно да се препознае рускиот акцент во македонскиот: зборовите како што се млеко, леб, кино, љубов и многу други, Русите често ги изговараат „по руски“, односно меко. Освен тоа, Русите во својот мајчин јазик ги редуцираат вокалите што не се под акцент и, на пример, зборот М-О-Л-О-К-О (млеко) го изговараат како М-А-Л-А-К-О: само последното О се изговара како О зашто тоа е под акцент. Некои, ненамерно истиот принцип го применуваат и во македонскиот, така што, на пример зборот М-Л-Е-К-О може да се трансформира во М-Л(многу меко, речиси Љ)-Е-К-А.
И неколку збора за АКЦЕНТОТ. Фактот што тој е фиксиран е голем плус. Но, кога првпат ќе слушнеш дека треба да го броиш третиот слог од крајот на зборот, малку се збунуваш – секојпат ли треба да бројам? Потоа толку многу се навикнуваш на акцентот што потребата од броење исчезнува и акцентот го ставаш без да се мислиш автоматски. Освен тоа, обидете се на македонист да му дадете да прочита текст на некој близок јазик – на српски или на бугарски, на пример. Многу е веројатно дека тој текстот ќе го чита, поставувајќи ги акцентите како во македонскиот јазик.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче