Медиум: руските подморници опасност за американските конвои кон Европа

Руските подморници, кои незабележително оперираат во водите на Атлантикот и на Арктикот, претставуваат „закана“ за воените испораки на САД до европските сојузници во НАТО, пишува „Вол Стрит Џурнал“ повикувајќи се на изјави на раководството на Алијансата и воени експерти.

НАТО може да ја обнови работата на воено-поморската команда од ерата на студената војна за да ја спречи „зголемената активност на руските подморници во Арктикот“ и „да ги заштити атлантските рути во случај на конфликт“, пишува новинарот на „Вол Стрит Џурнал“ Џулијан Барнс повикувајќи се на информации од службените лица на Алијансата. Дискусиите на оваа тема покажуваат дека НАТО е концентрирано на подобрување на одбраната против „обновената Русија“, и покрај фактот дека администрацијата на Трамп повикува на поголемо фокусирање на борбата против тероризмот.

Според Барнс, главните воени претставници на НАТО-земјите се собраа оваа недела во Брисел и дискутираа за реорганизација на командната структура. Според воените експерти, руската подморничка флота е сѐ повеќе во можност да оперира во Арктикот и Северниот Атлантик без да биде откриена. Развојот на стратегии за заштита на атлантските поморски рути доби на значење во рамките на плановите за транспорт на тешко вооружување од САД во Европа во случај на конфронтација со Русија. Според експертите, руската подморничка флота може да ја „отежни заштитата на американските конвои“.

Истражувачите од вашингтонскиот Центар за нова американска безбедност го информираа генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг за „воените предизвици“ во Арктикот и Атлантикот. Тие ги демонстрираа резултатите во симулација во која руските подморници ги прекинуваат маневрите на Алијансата, напаѓаат транспортен брод на САД, го пресекуваат подводниот кабел помеѓу Исланд и Канада и на тој начин ги нарушуваат глобалните комуникации. Командата на НАТО, која ќе се занимава со наведените проблеми, може да разработи воени планови за „надминување на заканите“ и да ги поттикне сојузниците да направат значителни инвестиции во авионите за извидување, бродовите и друга воена опрема, пишува авторот на материјалот.

„Ние треба да ги процениме потенцијалните закани од сите страни, вклучително и во Северниот Атлантик и Арктикот“, изјави генералот на армијата на Чешката Република и шеф на Воениот комитет на НАТО Петар Павел. НАТО планира да ја реорганизира воената команда до февруари 2018. Сепак, до тогаш дипломатите треба да разјаснат која од членките на Алијансата ќе ја преземе командата, кои ќе бидат нејзините специфични одговорности и нејзината локација.

САД веќе издвоија пари за модернизација на воздухопловната база во Кефлавик, сепак, според научниот соработник на Центарот за нова американска безбедност Џери Хендрикс, за Атлантикот и Арктикот се потребни „повеќе патролни бродови, подморници и дополнителна авијација“. Ако руските подморници се во можност незабележително да пловат низ водите на Исланд, тие може да бидат „закана за испораките кои ги вршат САД за европските сојузници“: Ако САД не можат д аиспорачуваат техника во Европа, тогаш НАТО ќе биде ослабено, потенцира Хендрикс. „Инвестициите што ги правиме се исклучително важни за обезбедување на победата во било кои идни конфликти“, резимира американскиот експерт, пренесува RT

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња