Русија ќе ја зајакне воздушната одбрана како одговор на ПРО САД во Европа

Претседателот на Комитетот на Советот на Федерацијата за одбрана и безбедност Виктор Озеров изјави дека симетричен одговор на активностите на САД ќе биде дополнително распоредување на оружје способно да ги неутрализира заканите од американската ПРО.

Како одговор на распоредувањето на американскиот систем за противракетна одбрана во Европа, Русија ќе биде принудена да го зајакне системот на воздушно-космичката одбрана во западниот сектор, изјави за РИА „Новости“ претседателот на Комитетот на Советот на Федерацијата за одбрана и безбедност Виктор Озеров.

„Како мерки на одговор против таквиот вид на закани ние сме принудени да го зајакнуваме системот на воздушно-космичката одбрана во наведениот сектор, да активираме дополнителни сили и средства за решавање на задачите за покривање на соодветните објекти и командни места. Ова зајакнување вклучува и распоредување на С-400 и системите „Искандер“ во Калининград, како и создавање на нови единици во Западниот и Јужниот воен округ“, изјави сенаторот.

Тој истакна дека еден од аргументите изнесени од Русија во врска со распоредувањето на противракетната одбрана на САД во Европа беа стравувањата дека создадената инфраструктура може во кратко време да биде приспособена за распоредување ударно оружје, на пример, крстосувачки ракети со копнено базирање.

„Денеска тие стравување се потврдуваат“, изјави Озеров.

Според него, заедно со моторизираните тенковски единици формирани во Западниот и Јужниот воен округ, дивизиите вклучуваат и воени единици и средства за противвоздушна и космичка одбрана.

„Покрај тоа, и ние тоа не го криеме, ги усовршуваме нашите воздушни сили, развиваме нови, современи видови на ракети како „земја-воздух“ и „воздух-земја“, кои би биле способни да ја поминат воздушната одбрана што ја имаат САД во Европа“, истакна сенаторот.

Озеров додаде дека симетричен одговор на активностите на САД ќе биде дополнително распоредување на оружје способно да ги неутрализира заканите од американската ПРО. Според него, Русија постојано ја следи ситуацијата и е „подготвена да реагира“.

Во мај минатата година заврши изградбата на објектот Aegis Ashore кој ќе биде дел од системот на американскиот систем за ПРО во романскиот град Девеселу. Уште еден таков објект ќе се појави во 2018 година во северна Полска.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња