РФ и САД без идна научна соработка во нуклеарната и енергетската сфера

Владата на РФ најави прекин на договорите меѓу Русија и САД за соработка во научните истражувања и разработки во нуклеарната и енергетската сфера.

Се работи за два договора - меѓу „Росатом“ и Министерството за енергетика на САД од декември 2010 година, како и меѓу владите на двете земји, потпишан на 16 септември 2013 година во Виена.

Претходно договорите беа веќе суспендирани од американската страна поради настаните во Украина. Притоа се истакнува дека „Росатом“ во февруари 2016 година ги исполнил обврските од договорот. „Потпишување на нови договори за вршење нови истражувања не се планира“, соопшти владата на РФ.

„Активностите преземени од страна на САД во врска со воведувањето санкции против Русија, директно ги погодија областите на соработката предвидена со договорот. Во април 2014 година државната корпорација „Росатом“ доби писмо од Бирото на Министерството за енергетика на САД во амбасадата на САД во Москва во кое, укажувајќи на инструкциите добиени од Вашингтон, се соопштува за запирање на соработката во сферата на нуклеарната енергетика во врска со настаните во Украина“, се вели на веб-сајтот на владата на Русија.

„Редовното продолжување на санкциите од САД против Русија, кои вклучуваат и суспензија на руско-американската соработка во областа на нуклеарната енергетика, бара донесување на контрамерки против американската страна... Меѓународно-правната рамка за соработка со САД при таквиот пристап ќе се задржи. За Руската Федерација ќе се зачува можноста за обнова на соработката според Договорот, кога тоа ќе биде оправдано од аспект на општиот контекст на односите со САД“, изјавија од владата на РФ, пренесува „Комерсант“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња