Претседателот Владимир Путин на 3 октомври до Државната дума поднесе нацрт-закон за суспензија на договорот помеѓу Русија и САД за неутрализација на плутониумот. Нацрт-законот е веќе заведен во базата на податоци на долниот дом на рускиот парламент.
Во текстот на документот се наведува дека Русија може да го обнови договорот со САД доколку бидат укинати сите санкции. Еден од условите е и на Руската Федерација да ѝ се компензира штетата „предизвикана од воведувањето санкции“, „вклучувајќи ги и загубите до кои дошло поради воведувањето на принудните контрасанкции за Соединетите Американски Држави“. Освен тоа, се соопштува дека Русија ќе се согласи на обновување на договорот доколку биде укинат „законот Магнитски“ и доколку се редуцира воената инфраструктура на САД во земјите од НАТО.
Суспензијата на договорот за рециклирање на одвишниот плутониум предвиден за нуклеарно вооружување се врзува со „загрозувањето на стратешката стабилност“ и потребата на Русија да ја осигури својата безбедност. Како што изјавува портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков, одлуката за запирање на овој договор сведочи за тоа дека Русија повеќе не сака сама да ги исполнува одредбите од него.
Како причина за загрозување на стратешката стабилност се наведуваат „недобронамерните дејствија на САД и нивната неспособност да обезбедат исполнување на обврските преземени со потпишување на овој договор“. Москва уште во април 2016 година констатираше дека Вашингтон не ги почитува одредбите од спогодбата.
Русија и САД во 2000 година се договорија да го неутрализираат плутониумот кој повеќе не им е неопходен за одбрана. Во согласност со спогодбата, двете земји се обврзаа да преработат по 34 тони плутониум предвиден за нуклеарно оружје и од него да направата МОКС гориво (мешавина од плутониум и обогатен ураниум, mixed-oxide fuel). Плутониумот преработен на овој начин повеќе не може да се користи како материјал за нуклеарно оружје.
Според политикологот Алексеј Арбатов, директор на програмата „Проблеми на неширењето на нуклеарно оружје“ на невладината организација „Московски Каренеги-центар“, дошло до определени проблеми во исполнувањето на овој договор. „Русија направи фабрика за преработка на плутониумот во МОКС гориво за нуклеарните електрани, а САД тоа не го сторија“, вели Арбатов за „Руска реч на македонски“.
Америка официјално тврди дека и понатаму се придржува кон договорот за рециклирање на плутониумот. Ова во април 2016 година за агенцијата ТАСС го соопшти извор од администрацијата на претседателот на САД. Проблемот, наводно, е во тоа што Вашингтон сака да го неутрализира плутониумот на некој друг начин, односно да не го преработува во МОКС гориво. Ваквиот став на Москва не ѝ влева доверба. Како што изјави Михаил Уљјанов, директор на одделението за прашања за неширење на нуклеарното вооружување при Министерството за надворешни работи на РФ, начинот на рециклирање за кој зборуваат Американците остава можност за враќање на плутониумот во програмата на нуклеарното вооружување.
Алексеј Арбатов од споменатата НВО истакнува дека дијалогот за рециклирање на плутониумот навистина дошол во ќор-сокак, и дека неговото формално запирање нема никакво значење, односно дека е условено единствено со влошувањето на билатералните руско-американски односи во целина. „Тоа е формалност. Тоа е нов гест на Русија која сака да покаже дека не ѝ е потребна соработка со САД, доколку тие тоа не го сакаат“, смета претставникот на невладината „Московски Карнеги-центар“.
Од друг страна, според Арбатов, светот станува помалку безбеден со оглед на запирањето на соработката помеѓу Русија и САД во нуклеарната сфера. „Целосно е прекината соработката помеѓу Русија и САД во областа на осигурувањето на безбедноста на ураниумот и плутониумот, односно на материјалите за нуклеарно оружје. Ова е негативна и загрижувачка појава“, вели Арбатов. Тој смета дека сега, кога во целиот свет расте опасноста од тероризам и од можноста нуклеарниот материјал да дојде во рацете на екстремистите, отсуството на дијалог помеѓу двете најголеми нуклеарни сили уште повеќе ја подрива глобалната нуклеарна безбедност.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче