Путин: Русија не тргува со своите територии

Обидот за ревизија на Втората светска војна е „Пандорина кутија“, изјави рускиот претседател Владимир Путин.

Русија не тргува со своите територии, изјави претседателот на Русија Владимир Путин во интервју за агенцијата „Блумберг“, коментирајќи го територијалниот спор со Јапонија околу Курилските острови.

Притоа, според него, Москва силно би сакала да најде решение за овој проблем со „јапонските пријатели“. Ако може да се постигне исто толку висок степен на доверба како со Кина, тогаш има шанса да се најде некаков компромис, изјави рускиот претседател.

Декларацијата од 1956 година, потпишана од Советскиот Сојуз и Јапонија, речиси го реши спорот околу островите, но јапонската страна одби да го потпише мировниот договор, а потоа и СССР го симна тоа прашање од агендата, потсети Путин.

„Не станува збор за некаква размена, за некаква продажба. Станува збор за барање решение, при што ниедна од страните нема да се чувствува како губитник, ниедна од страните нема да се чувствува ни како победена, ни како поразена“, изјави шефот на руската држава пред средбата со јапонскиот премиер Шинзо Абе во рамките на Источниот економски форум што се одржува во Владивосток.

Во текот на средбата со Абе, истакна Путин, оваа тема ќе биде дискутирана. Но за да се реши, таа треба да биде многу добро промислена и подготвена врз принципи кои нема да нанесуваат штета, ами обратно, врз принципи за создавање услови за развој на меѓудржавните врски на подолга историска перспектива, потенцира тој.

Одговарајќи на прашањето за можна аналогија со островот Тарабаров, кој во 2004 година премина во составот на Кина, Путин потсети дека таа територија била спорна и дека по 40 години страните нашле компромис. Јапонското прашање настана како резултат на Втората светска војна и е заведен во меѓународните документи поврзани со исходот од војната.

Како одговор на прашањето за Калининград, Путин изјави: „Ако некој сака да почне да го ревидира исходот од Втората светска војна, ајде да се обидеме да дискутираме на таа тема. Но тогаш треба да се дискутира не за Калининиград, туку во целина за источните земји на Германија, за Лавов,  кој беше дел од Полска, и така натаму, и така натаму. Таму е и Унгарија, и Романија. Ако некој сака да ја отвори таа Пандорина кутија и да почне да работи со неа – повелете, знамето во рака и почнете“. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња