Дали е вообичаено мислењето дека Втората светска војна е завршена на Исток и зошто се смета дека започнала со анексијата на Полска, а не се земаат предвид страшните загуби што Јапонија ѝ ги нанесе на Кина?
Анатолиј Кошкин: Според податоците што ги изнесуваат кинеските историчари, во судирот со Јапонија загинале од 30 до 35 милиони луѓе. Поради тоа во Кина одамна се смета дека Втората светска војна не започнала на 1 септември 1939 година, туку на 7 јули 1937, кога императорската јапонска армија тргнала во голема војна против Кина. Дури и да се смета дека Кина изгубила 30 милиони, сепак тоа е половина од сите жртви од Втората светска војна. Да потсетам дека, според најновите податоци, за време на Втората светска војна загинале 60 милиони луѓе. Од нив само 15 милиони се војници, а другите биле цивили. Но, Европа смета дека војната започнала откако во неа се вклучиле Велика Британија и Франција, водечките светски сили од тоа време.
Кога на советското раководство му станало јасно дека ќе мора да војува против Јапонија?
А.К.: Мислам дека Јосиф Сталин имал мошне сериозни геополитички мотиви за да учествува во таа војна. Грешат оние што велат дека најголема била желбата да се вратат, или, според јапонската терминологија, да се заземат Курилските Острови и Сахалин. Работата е во тоа што Јапонците и самите биле подготвени да ги дадат овие територии само Советскиот Сојуз да остане неутрален. Постојат многу документирани потврди дека тоа било така. Но, Сталин, според мое мислење, имал поинаква задача. Не смеел да дозволи Кина да стане сојузник, и тоа воен сојузник на Соединетите Американски Држави.
Постоела ли причина за вакво стравување?
А.К.: На пример, Рузвелт на Конференцијата во Каиро во 1943 година во четири очи разговарал со тогашниот кинески лидер Чанг Кај Шек. Тие се договориле по војната да склучат кинеско-американски воен сојуз, а по советската граница да бидат поставени американски бази. Згора на тоа, станало збор и за тоа од Источна Азија да се потисне влијанието на Советскиот Сојуз, а исто така и на Велика Британија, Франција и на други европски колонијални сили, со цел Америка да може да доминира во овој огромен регион. Со оглед дека САД и тогаш биле неспоредливо посилни од Кина, ова, всушност, биле планови за воспоставување власт на Соединетите Американски Држави практично во целиот свет.
Советскиот Сојуз на Конференцијата во Јалта конечно бил „наговорен“ да влезе во војна против Јапонија. Рузвелт бил подготвен на многу отстапки само за да се постигне ова.
А.К.: Англичаните и Американците за време на војната на сите можни начини го наговарале Сталин што поскоро да стапи во војна со Јапонија. На сите средби и конференции се зборувало за помошта што треба да ја даде Советскиот Сојуз. Сталин оваа помош за првпат ја ветил во Техеран, каде што отворено изјавил дека по падот на Хитлерова Германија со заеднички сили ќе се тргне кон Јапонија. Ова кај Американците и кај Англичаните предизвикало голем ентузијазам. Тие во своите стратегиски планови сметале на идното учество на Советскиот Сојуз во оваа војна.
Американците тогаш сѐ уште немале атомска бомба, па затоа учеството на Советскиот Сојуз во војната го доживувале како задолжителен услов. Згора на тоа, дури и по успешното тестирање на атомската бомба, Труман на Потсдамската конференција му рекол на Сталин дека се надева оти Советскиот Сојуз ќе ги исполни своите обврски.
Но, кога дувнале ветровите на Студената војна, станало јасно дека атомската бомба ќе биде применета, па Американците не сакале да ги делат плодовите од победата. Тие многу добро сфатиле дека помошта на Советскиот Сојуз за Кинезите, и конкретно на вооружените сили на Комунистичката партија на Кина може сериозно да ја измени рамнотежата на силите во овој дел од светот.
Освен тоа, САД со помош на Советскиот Сојуз ги зачувале животите на половина милион свои војници. За тоа има зборувано и претседателот Труман...
А.К.: Американците, за жал, мошне бргу заборавија колку Советскиот Сојуз има придонесено за уривањето на јапонскиот милитаризам. Со примената на атомската бомба против цивилното население на Хирошима и на Нагасаки, тие ги присвоија сите „победнички лаврови венци“. Во САД, па дури и во Јапонија, сѐ уште се смета дека императорската армија капитулирала поради нуклеарниот напад...
Сепак, во реалноста јапонската влада немала намера да капитулира, дури ни по овие нечовечки напади врз споменатите градови. Ова прашање не е разгледано дури ни на седница на Врховниот совет за раководење со војната. Јапонија продолжила да се подготвува за решавачка битка на својата територија. Творецот на одредот камиказе, вицеадмиралот Ониши, изјавил: „Ние ќе жртвуваме 20 милиони Јапонци во специјални напади, но ќе ги принудиме Американците да ги прифатат нашите услови за примирје“. Всушност, станува збор за војна до последниот Јапонец. И само стапувањето на Советскиот Сојуз во војната го убедило јапонското раководство дека понатамошното спротивставување е бескорисно.
Курилските Острови му се дадени на Советскиот Сојуз како геополитички трофеј од војната на Далечниот Исток, како што и му ветиле сојузниците на Сталин. Зошто тогаш Западот не е сега на наша страна во територијалниот спор со Јапонија?
А.К.: Јапонската страна постојано нагласува дека до 1945 година Советскиот Сојуз, наводно, не претендирал на овие територии. Тоа не е точно. Летото 1940 година народниот комесар за надворешни работи Молотов на средба со амбасадорот на Јапонија изјавил дека пактот за ненапаѓање може да биде потпишан само доколку на Советскиот Сојуз му бидат вратени претходно изгубените острови Сахалин и Курили. Во спротивно, доколку јапонската страна не е подготвена да ги решава територијалните проблеми, може да потпише Пакт за неутралност. Тоа е детаљ што им е познат на малкумина. Во текот на целата Втора светска војна Курилските острови и Сахалин бил користен од страна на Јапонците како база во која се подготвувале за напад врз Советскиот Сојуз. Згора на тоа, нападот на Соединетите Американски Држави е извршен од страна на јапонска ескадра која испловила од заливот на островот Итуруп. Според тоа, Сталин ги имал сите основи на сојузниците во Јалта да им постави услов: Курилите и Јужен Сахалин треба да бидат вратени на нивниот претходен сопственик.
Меѓу другото, би сакал да додадам дека Рузвелт ова го прокоментирал вака: „Русите сакаат да им биде вратено она што им било земено“. Истиот став го имал и Черчил, кој сметал дека Русија мора да има излез на отворен океан. Конкретно, на Тихи Океан. А, ако Јапонија ги задржи Курилските острови, тоа на Русија ѝ го затвора излезот.
Освен тоа, постои Атлас на руската земја од 1796 година. Тоа е документ од кој јасно се гледа дека островите Кунашир, Итуруп и Шикотан се обележани со боја на руската територија и дека се дел од Камчатскиот округ. Јапонија во тоа време била затворена држава. Јапонците немале право да ја напуштаат територијата на својата држава. Особено е важно што островот Хокаидо бил вклучен во составот на јапонската држава дури кон средината на 19 век, а претходно не бил јапонска територија. Како тогаш земјите што се уште посеверно од овој остров можат да бидат „исконско јапонски“?
Впрочем, овој спор можел да биде решен во 1956 година, кога Никита Хрушчов како знак на добра волја ѝ ветил на Јапонија дека ќе ѝ го врати островот Шикотан и групата острови Хабомаи. Но, во Сан Франциско беше потпишан мировен договор според кој Јапонците се откажуваат од територијата на Јужен Сахалин и на сите Курилски острови. Згора на тоа, кога јапонскиот парламент го ратификувал мировниот договор од Сан Франциско, усвоена е и резолуција според која е поставена задача на Јапонија да ѝ се вратат само Хабомаи и Шикотан, а немало никакви разговори за Итуруп и Кунашира, зашто се сметало оти овие територии и според декларацијата од Потсдам и според мировниот договор од Сан Франциско му припаднале на Советскиот Сојуз. Покрај ова, одредбата за тоа дека Јапонија се откажува од претензијата на овие територии е формулирана мошне лукаво. Таму не се набројуваат конкретни острови и не станува збор за тоа во чија корист Јапонија се откажува од овие територии. Токму тоа сега, против секаква логика, се обидуваат да го искористат сегашните јапонски политичари.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче