Во текот на официјалната посета на Пекинг, претседателот на Руската Федерација Владимир Путин се сретна со претседателот на Кина Си Ѓинпин и други кинески функционери.
По разговорите е потпишан солиден пакет договори кои се однесуваат на различни аспекти на соработка – од вселената и енергетиката, преку нуклеарната енергетика до туризмот и испораките на жито за Кина.
Клучното внимание во текот на разговорите беше традиционално посветено на прашањата за зајакнување на соработката во областа на економијата, пред сѐ на енергетиката. Двете страни разговараа за создавање на зона на слободна трговија меѓу Кина и Евроазиската економска унија, а до крајот на годината треба да бидат усогласени ставовите за изградба на брзата железница Москва-Казањ, „трансеропската магистрала која треба да го подобри сообраќајот на огромниот континент“ (Путин).
Путин истакна дека Кина е водечки трговски партнер на Русија, дека во 2015 година трговската размена меѓу двете земји изнесуваше 63,5 милијарди долари, а позитивна динамика е забележана и оваа година, додека енергетиката, како што рече тој, останува локомотива на деловната соработка меѓу двете земји.
Русија го зголемува обемот на испораки преку руско-кинескиот нафтовод, продолжува реализацијата на проектите за изградба на рафинеријата „Тјанцзински“, додека гасоводот „Силата на Сибир“ се гради според планот и со полн капацитет ќе почне со работа во 2020 година, рече Путин, додавајќи дека кинеските партнери го зголемуваат своето учество во „Јамал“, најголемиот руски проект за производство на течен гас.
„Со цел да се намали зависноста од надворешните фактори ќе ја зголемиме употребата на националните валути во меѓусебните плаќања. Учеството на руската рубља засега изнесува 3 отсто, а на кинескиот јуан значително повеќе (9 отсто), додека последните показатели треба значително да пораснат по отворањето на сметководствениот центар за трансакции со јуан во Русија“, изјави шефот на руската држава на крајот од руско-кинеските разговори.
Кинескиот претседател го покани рускиот претседател на самитот на Г-20 што ќе се одржи во почетокот на септември во Франција, а Путин вети поддршка во подготовката на собирот на дваесетте најразвиени земји, бидејќи Русија веќе претседаваше со организацијата, пренесува РИА „Новости“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче