Ердоган разочаран од Путин и Обама

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изрази надеж дека наскоро ќе дојде до попуштање на затегнатоста во односите со Русија.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган призна дека е „разочаран“ од односите со лидерите на Русија и САД Владимир Путин и Барак Обама.

Одговарајќи на прашања по враќањето од САД, каде што присуствуваше на погребот на боксерската легенда Мухамед Али, Ердоган со жалење потсетува дека порано Анкара и Вашингтон се надевале дека ќе изградат „односи за пример“. „За жал, нашите очекувања не се остварија. На пример, во економската сфера соработката се намалува, не се зголемува. Во сферата на надворешната политика нашите очекувања, исто така, не се оправдани“, изјави турскиот лидер, пренесува „Хуриет“.

Уште едно непријатно прашање на прес-конференцијата беа односите со Русија. „Нашето пријателство со Путин ни овозможи да ги подигнеме билатералните односи на многу високо ниво", рече Ердоган, а потоа со жалење констатираше дека ситуацијата е кардинално променета по соборувањето на рускиот авион кој, според наводите на турската страна, го наруши воздушниот простор на Турција.

Повикувајќи се на претходното пријателство, претседателот на Турција истакна дека пред соборувањето на авионот трговската размена со Русија била дури и поголема отколку со САД. Ердоган изрази надеж дека наскоро ќе дојде до попуштање на тензиите во односите, изјавувајќи: „Се надевам дека многу брзо ќе ги обновиме односите и дека ќе им се вратиме на старите времиња со уште поголема подготвеност за соработка“.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња