Според рускиот вицепремиер Дмитриј Рогозин руската вселенска сфера заостанува зад американската девет пати. Притоа во извозот на оружје Русија практично ги достигна САД и го зазема второто место. Рогозин го изјави ова во излагањето на колегиумот на Министерството за индустрија и трговија. Сепак, подоцна тој прецизираше дека зборувал само за продуктивноста на трудот во оваа област, а не за генерално заостанување на Русија во оваа сфера.
Во текот на излагањето, потпретседателот на руската влада поднесе извештај за состојбата во одбранбената индустрија. Според податоците на Дмитриј Рогозин минатата година производството во воено-индустрискиот комплекс се зголемило за 13%, а половина (47,2%) од руската армија е опремена со современо оружје. Русија сѐ уште е рангирана втора во светот по извоз на оружје.
Извозот на руските производи за воени цели минатата година го надминал планот и изнесува 14,5 милијарди долари. Потпишани се нови договори во вредност од над 26 милијарди долари, додека извозот за прв пат од 1992 година достигна 56 милијарди долари, изјави Рогозин.
Сепак, вицепремиерот остро ја критикуваше вселенската индустрија, истакнувајќи дека ако руската индустрија не тежнее кон висока продуктивност и ако не се бори против бирократијата, тогаш навистина ќе гледа во агенцијата НАСА и Илон Маск.
„Во моментов во вселенската област заостануваме зад Американците девет пати. Сите наши амбициозни проекти покажуваат дека треба да ја зголемиме продуктивноста за 150%. Но, дури и ако ја зголемиме за толку, сепак никогаш нема да ги стигнеме“, изјави Рогозин.
Како пример, тој го спомна откажувањето на првото лансирање на ракета од космодромот „Восточни“.
По Колегиумот на Министерството за индустрија и трговија, Рогозин на својот „Твитер“ објасни дека неговата изјава дека Русија заостанува зад САД во истражувањето на вселената е погрешно протолкувана. Според него, тој зборувал само за продуктивноста на трудот во оваа област, а не за генералното заостанување на Русија во сфера, пишува „Комерсант“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче