„Не треба да има сомневања во тоа дека МОК ќе повика на одговорност не само одделни спортисти туку и целото нивно опкружување. Можат да бидат преземени мерки за доживотно исклучување од учество во Олимписките игри и сериозни парични казни до исклучување на цели национални федерации како што веќе се случи со Руската атлетска федерација (ВФЛА)“, изјави Бах за германски „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“.
Тој потенцира дека учеството на руските атлетичари на Олимписките игри во Рио силно зависи од резултатите од истрагата на Светската антидопинг агенција (WADA).
„Ако има докази за постоење на организиран и распространет допинг-систем кој ги допира и другите видови спорт, тогаш меѓународните организации и МОК ќе треба да донесат тешка одлука меѓу колективната одговорност и индивидуалната правда“, наведе тој.
Во четвртокот „Њујорк Тајмс“ повикувајќи се на бившиот раководител на московската антидопинг лабораторија Григориј Родченков соопшти дека на Олимпијадата во Сочи наводно 15 руски медалисти употребувале допинг.
Министерот за спорт на Русија Виталиј Мутко ја нарече апсурдна информацијата на „Њујорк Тајмс“. Тој истакна дека руските спортисти заслужуваат најголема доверба и се светски лидери.
На 14 мај претседателот на Меѓународната хокеарска федерација (IIHF) Рене Фазел изјави дека антидопинг обезбедувањето на Игрите во Сочи било на највисоко ниво, затоа информациите за употреба на допинг се изненадувачки.
Истиот ден беше соопштено дека МОК може повторно да ги провери примероците за допинг кои беа земени во текот на Олимпијадата во Сочи.
Во петокот портпаролот на Истражниот комитет на Русија Владимир Маркин изјави дека информациите објавени во весникот „Њујорк Тајмс“ се наменети за дискредитација на Русија и на спортот во целина.
Истиот ден портпаролот на претседателот на Русија Дмитриј Песков ги нарече изјавите на Родченко „клевета на дезертер“, пренесува „Взгљад“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче