НАТО: Новите руски подморници ни ја усложнуваат задачата

Адмиралот Марк Фергусон ги истакна подобрените технички и борбени карактеристики на руската подморничка флота и истовремено изрази загриженост од плановите на НАТО да штеди за сметка на морнаричките сили на Алијансата.

Москва произведува подморници кои ВМС САД сѐ потешко можат да ги откриваат и да ги следат, изјави за „Си-Ен-Ен“ командантот на Здружената команда на НАТО во Неапол и ВМС САД во Европа и Африка адмирал Марк Фергусон.

„Подморниците кои ги набљудуваме се сѐ помалку забележливи. Гледаме дека (Русите) поседуваат поразвиени системи на вооружување, ракетни системи кои можат да извршат удар врз копнени цели од големи растојанија. Исто така забележуваме дека степенот на нивната обученост се зголемува додека се распоредуваат во реони сѐ повеќе оддалечени од своите територијални води“, изјави Фергусон.

Тој изјави дека Москва гледа закана во ширењето на НАТО на исток и се стреми да не им дозволи на САД и НАТО можност да дејствуваат во регионот на таканареченото блиско странство на Русија.

Во врска со вознемиреноста од активностите на руските подморници САД и нивните сојузници во НАТО пуштаат во работа нова програма на обука за спроведување противподморнички операции и распоредуваат ново вооружување, како што се патролните противподморнички авиони P-8 Посејдон, додаде Фергусон. Во моментов НАТО има 53 подморници, но нивниот број до 2020 година ќе спадне на 41.

Од своја страна, поранешниот командант на силите на САД и НАТО во Европа адмирал во пензија  Џејмс Ставридис изјави за телевизијата дека САД во моментов не можат 100% да ги контролираат активностите на руските подморници.

„Нашите јуришни подморници се подобри, но не многу. Руските подморници претставуваат реална закана за авионосните групи на ВМС САД“, изјави Ставридис. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња