Новите руски торпеда доаѓаат

wikipedia.org
Модернизацијата на руските вооружени сили дојде и до морските граници. Од почетокот програмата за зголемување на борбениот потенцијал на подморничките авиони Ил-38 и по изјавата за плановите за обновување на опремата на авионите Ту-142 и на хеликоптерите Ка-27, изгледа сека се појавува принципиелно ново подморничко вооружување. Обновувањето на радиоелектронските компоненти на воздухопловната техника овозможува сигурна потрага по непријателските подморници, а новите торпеда гарантираат нивно уништување, Значи, какво ќе биде новото руско торпедо?

Шамиљ Алиев, генерален конструктор на фабриката „Дагдизел“, која се наоѓа на југот од Русија во сончевиот Дагестан, на втори јуни изјави дека неговото претпријатие работи на „подводно оружје со висока прецизност“. Тој спомена некои карактеристики на новото торпедо (висока заштита од пречки, вештачка интелигенција и дигитализиран систем за управување), но не сакаше да зборува за останатите детали, поради таинственоста на проектот. Според него, ова оружје ги обединува функциите за извидување, за набљудување, за лажно информирање и средствата за директно уништување.

Лепливи „клешти“

Треба да се каже дека Шамиљ Алиев пред две години во едно свое интервју веќе зборуваше за перспективното торпедно вооружување. Тогаш призна дека ваквите руски проекти заостануваат зад Франција и САД: „На крајот на краиштата нашите торпеда се потешки и побучни во однос на најдобрите светски торпеда, зашто немаме најнова база на елементи и врвни информациско-аналитички блокови“.

За да се надмине ова заостанување, Алиев повика на сериозна научно-истражувачка работа во оваа област. Со оглед на тоа дека сега не станува збор за научно-истражувачка и нагледно-конструкторска работа, туку за изработка на нови примероци, оваа работа е очигледно завршена.

Зборуваме за два правци – за модернизација на „Шквал“, најпознатото торпедо на светот и за изработка на принципиелно нов производ – минијатурно торпедо со должина од 30 сантиметри. Алиев го спореди со „клешти“ кои во голем број, полека и незабележливо одат кон целта, „се лепат“ за неа и експлодираат.

Реинкарнација на „Шквал“?

Другиот правец на работите се чува во целосна тајност, не е познато ништо, освен концепцијата во основни црти, а кога станува збор за ВА-111 „Шквал“, изгледа дека неговата модернизација подразбира суштински промени во врска со конструкцијата, обликот, па дури и со тактиката на примената.

Овој оригинален производ на фабриката „Дагдизел“ е воведен во вооружувањето во втората половина на седумдесеттите години од минатиот век. Под вода може да развие брзина од 300 километри на час благодарение на кавитацијата (движење во воздушна перница). Невозможно е да се избегне при таква брзина на куси растојанија. Но, неговите недостатоци се големата бучава и малиот дострел од само 8 до 10 километри. Ова гарантирано ја демаскира и ја открива подморницата што носи торпедо. Алиев во своето интервју од 2013 година го спомена токму ова торпедо како еден од приоритетите, велејќи дека лично учествува во проектирањето на хидродинамичниот облик на неговата модернизирана верзија. Оваа работа се состои во определување на границите на водата и воздухот околу торпедото, што овозможува определување на границите на неговата тежина и димензија, оптоварувањето и носивоста. Исто така ги спомена американските еквиваленти кои го менуваат курсот во зависност од командата на операторот и „предвидуваат специјална повеќеслојна 'сукња' на индикаторот“. Веројатно ова искуство ќе биде реализирано во новото руско високопрецизно подводно вооружување.

Замената на инерцијалниот систем на „Шквал“ со современи уреди за наведување го зголемува дострелот за уништување на целите, што овозможува врз база на ова да се направи ново оружје. „Торпедото мора да го погоди најчувствителното место (делот на командата или делот за управување), а не само да удри во противничката подморница. Да не заборавиме дека подморница може да се уништи само со торпедо, а не со ракета“, изјави Алиев.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња