Воениот врв има намера да ги обнови можностите за изведување долготрајни операции на која било точка од Светскиот океан, како што беше случајот со СССР. Ова на проширената седница на колегиумот на Министерството за одбрана го изјави министерот Сергеј Шојгу. Тој истакна дека за ова е неопходно да се развие систем за материјално-техничка поддршка во рамките на воената морнарица.
Началникот на Генералштабот на воената морнарица на Русија, вицеадмиралот Андреј Воложински подоцна прецизираше дека морнарицата треба да биде подготвена „за реагирање на новите закани во секоја точка во Светскиот океан“.
Изведувањето операции на руските воено-космички сили во Русија не се одвива толку лесно, и покрај многуте позитивни оцени. Ова особено се гледа кога станува збор за логистиката. Дури ни СССР немаше толку големо искуство во изведување операции на голема оддалеченост. Русија нема заедничка граница со Сирија, така што комплетната логистичка операција на воено-космичките сили и снабдувањето на армијата на Ал Асад со техника и со муниција на своите плеќи ја изведоа авијацијата и морнарицата.
Воената морнарица на Русија има 19 големи десантни бродови. Сите тие се распоредени во различни флоти. За логистичка поддршка на операцијата во Сирија беа ангажирани 6 транспортни брода на Црноморската, четири брода на Балтичката и два на Северната флота. Меѓутоа, ова не беше доволно, така што за потребите на воената морнарица беа купени и неколку турски товарни бродови.
Превозот на вооружувањето со цивилни бродови не е безбеден и во повеќе наврати имаше проблем во овој поглед. На пример, во јуни 2012 година во близина на брегот на Шкотска беше заробен товарниот брод Алаид кој носеше неколку расклопени офанзивни хеликоптери Ми-25 за сириската армија по нивниот ремонт во Русија. Под притисок на британските власти на бродот му беше одземена осигурителната полиса и тој беше принуден да се врати во Мурманск.
Случај на проверка на бродовите имаше и на Кипар. Сè уште се свежи сеќавањата за прилично матната историја со бродот Arctic Sea, кој беше заробен од страна на некакви „мировни еколози“. Меѓутоа, на воените бродови никој не прави претрес. Нив ги чуваат маринци, а обидот за нивно заробување во неутралните води е casus belli, односно повод за војна, така што нивната мисија практично не може да биде запрена.
Проблемот е во тоа што големи десантни бродови дефакто има помалку одошто ги има на хартија. Големите советски десантни бродови произведени кон крајот на седумдесеттите и на почетокот на осумдесеттите години од минатиот век не се оспособени за интензивна експлоатација. Веќе доста се зборува за потребата на нивно место постепено да дојдат нови бродови. Ова беше една од причините зошто Русија сакаше да ги купи француските Мистрали.
По раскинувањето на договорот за купување на Мистралите во медиумите се појави информација за можна модернизација на советскиот проект „Носорог“ (последниот брод од овој проект е изграден во 1988 година) и за нивно воведување во експлоатација, но засега сè останува на зборови.
По нарачката на Мистралите руските бродоградители во повеќе наврати изјавуваа дека се подготвени и самите да направат сличен брод. Поништувањето на договорот им даде можност да ги потврдат своите изјави на практика. Кон средината на јануари годинава началникот на управата за бродоградба на воената морнарица на Русија, капетанот од прва класа Владимир Трјапичников, за медиумите изјави дека е дефиниран „обликот на универзалниот десантен брод со голем депласман“, а почетокот на неговата изградба е планиран за 2018 година.
„Тоа ќе биде десантен брод со голем депласман. Тој може да носи многу техника и многу луѓе“, прецизираше Трјапичников.
Можеби станува збор за универзалниот десантен брод од проектот „Лавина“. Овие бродови, како и француските Мистрали, можат да примат, да носат и да истоварат поморски десант на подготвен и на неподготвен брег со ангажирање десантни чамци и хеликоптери. Тие можат да носат 500 припадници на морската пешадија и 50 единици борбена техника.
Сево ова се случува насред економската криза во Русија и намалувањето на трошоците за вооружување. Државната програма за модернизација во вооружувањето до 2025 година првобитно требаше да биде усвоена до 2015, но е одложена до 2018 година. Во овој контекст, изјавите на министерот за одбрана Шојгу за важноста на организациската и на техничката модернизација на системот за снабдување на морнарицата влеваат надеж дека до 2025 година Русија ќе добие барем еден сопствен носач на хеликоптери.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче