Секретарот на Министерството за одбрана на САД Џејмс Таунсенд мината недела го посети Стокхолм и изјави дека руските воени маневри наводно креираат ситуација на неизвесност на северот на Европа. Тој исто така ѝ вети на Шведска поддршка во заштитата од „руската закана“.
„Русија е незгодна, трагична закана со која ќе мораме да живееме извесно време“, изјави Таунсенд во интервјуто за шведскиот весник Dagens Nyheter.
Според неговите зборови, за разлика од ерата на студената војна, денес жариштето е поблиску до границите на Шведска и балтичките земји.
„Путин ги заплашува балтичките земји, но ние не знаеме која е неговата крајна цел. Балтичките народи се наши соседи. Во овој регион постои неизвесност поради неочекуваните руски маневри. Соочени сте со бомбардери кои вежбаат напади врз вас, со авиони кои летаат без уреди за идентификација или кои го нарушуваат воздушниот простор. Сите северни земји негодуваат и чувствуваат нестабилност”, изјави тој.
Според зборовите на Таунсенд, „тоа непрекинато трае и во споредба со студената војна ситуацијата е многу понеизвесна“.
На прашањето на новинарите за тоа дали има основа за изјавите во јавноста за тоа дека САД и НАТО ја опколуваат Русија, Таунсенд одговори дека „НАТО не опколува никого, тоа е организација која треба да ги заштити своите сојузници“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче