Русија ја тужи Украина за 3 милијарди долари

Тужбата беше поднесена по безуспешните обиди да се повика Украина на конструктивен дијалог за реструктуризација на долгот, објаснија од руското Министерство за финансии.

Министерството за финансии на Русија поднесе во Високиот суд на Лондон тужба за наплата на долгот на Украина во износ од 3 милијарди долари, изјави рускиот министер за финансии Антон Силуанов, соопштува агенцијата „Интерфакс“.

Според зборовите на Силуанов, тужбата била поднесена по безуспешните обиди да се повика Украина на конструктивен дијалог за реструктуризација.

Интересите на Русија пред судот ќе ги претставува меѓународната адвокатска компанија Cleary Gottlieb Steen & Hamilton која е консултант на Русија последниве неколку години.  

На крајот на 2013 година Москва реши да ја поддржи украинската економија и се договори со тогашниот претседател Виктор Јанукович за доделување кредит од 15 милијарди долари. Руската влада успеа да му ја префрли на Јанукович само првата транша од 3 милијарди долари, по што во Украина започна политичката криза која доведе до протерување на претседателот и промена на режимот.  

Причини за тужбата

„За жал, Украина се покажа неподготвена да води преговори во духот на „добрата волја“, на што ја повикувавме не само ние, туку и ММФ“, рече Антон Силуанов. Според неговите зборови, процесот во англискиот суд ќе биде отворен и транспарентен, и заштитата на правата на Русија како кредитор ќе се реализира од страна на независен, авторитетен суд. Разгледувањето на таквиот спор во судска постапка претставува историски преседан, додаде рускиот министер.

Киев ѝ предлагаше на Москва реструктуризација на долгот врз услови кои се заеднички со комерцијалните кредитори. Русија одби да ја разгледува оваа варијанта, инсистирајќи на суверената природа на долгот. Како резултат на тоа Украина во декември прогласи банкрот во однос на еврообврзниците, откупени од Русија во декември 2013 година.

Перспективите на случајот

Експертите претпоставуваат дека разгледувањето на тужбата ќе биде долго, но ќе доведе до победа на руската страна. На пример, финансискиот аналитичар на ГК „ФИНАМ“ Тимур Нигматулин, специјалист за меѓународни финансиски операции, ги оценува перспективите на тужбата како доволно добри.

„Еврообврзници со листинг во Ирска беа пуштени во Ирска од страна на Украина според англиското право, а во нивниот проспект на издавање директно се вели дека не се предвидуваат никакви околности кои би го направиле банкротот да биде законски“; раскажа Нигматулин за „Руска реч на македонски“. Сепак, роковите за разгледување на делото можат да се одолжат неколку години, вклучително и поради политичката позадина на процесот, додава Нигматулин.

„Тешко дека разгледувањето на овој случај ќе одземе малку време“, се согласува со него специјалистот во областа на меѓународното право на адвокатот од Чикаго Фјодор Козлов од Адвокатската канцеларија на Фјодор Козлов и соработниците (Law Office of Fedor Kozlov & Associates). Според неговите зборови, перспективи за донесување позитивна одлука за Русија постојат, сепак најверојатно е одолжување на судската постапка од страна на тужениот со можност за спогодбен договор.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња