Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер изјави за холандскиот весник „Ханделсблад“ дека во случај на референдумот во Холандија, на кој ќе се гласа за соодветноста на спогодбата за асоцијација на Украина и ЕУ, избирачите гласаат против, тоа може да доведе до криза во Европа.
„Сакам Холанѓаните да сфатат дека важноста на ова прашање излегува далеку од рамките на Холандија. Не верувам дека Холанѓаните ќе кажат „не“, затоа што тоа може да отвори врата за голема континентална криза“, изјави тој, додавајќи дека Русија во случај на негативен исход на референдумот „ќе ги собира плодовите на лесната победа“.
Јункер истакна дека не го критикува политичкиот систем на Холандија и можноста жителите на земјата да се искажат, туку само ги предупредува дека резултатите од референдумот можат „да го изменат балансот на силите во Европа“.
За референдумот во Холандија што ќе се одржи напролет беше соопштено во средината на октомври 2015 година. Приврзаниците на плебисцитот ги собраа потребните 300 илјади потписи за одржување на референдумот. Иницијатор беше групата активисти Greenpeil која се залага против проширување на ЕУ и смета дека асоцијацијата со Украина ќе се одрази негативно на демократскиот систем на Холандија.
Експертите на „Вол Стрит Џурнал“ истакнуваат дека негативен исход на референдумот во Холандија може да ја стави во незгодна положба земјата која во првата половина на 2016 година ќе претседава со ЕУ.
Какво влијание ќе има гласањето врз трговската спогодба меѓу Украина и ЕУ, против која активно истапува Русија, засега не е јасно, но ако Холанѓаните гласаат негативно, Брисел и Киев ќе мораат да бараат начин како да го одговорат на тоа, изјави за весникот висок европски функционер, а пренесува „РБК“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче