Легендарниот „Урал“: Руски мотоцикл кој ги воодушеви Американците и Садам Хусеин

Мотоциклoт на марката „Урал“ во музеј, во Неборов, Полска

Мотоциклoт на марката „Урал“ во музеј, во Неборов, Полска

Википедија
Посебно место во руската автомобилска индустрија зазема ретромотоциклот „Урал“ со странична приколка кој веќе со децении инспирира многу луѓе ширум светот.

„Урал“ е единствената руска марка тежок мотоцикл која настанала во Советскиот Сојуз. Се произведува во Ирбитската фабрика за мотоцикли (ИМЗ) отворена во 1942 година во градот Ирбит (30.000 жители), во Свердловската област на границата помеѓу Европа и Азија. „Урал“ има две варијанти: со странична приколка и без неа.

Првиот мотоцикл „Урал“ М-72, направен на базата на моделот BMW R71

Марката „Урал“ е вистинска легенда кај љубителите на мотоцикли ширум светот. Првиот модел од ова „семејство“ мотоцикли бил М-72. Тоа е советска копија на мотоциклот Бе-Ем-Ве R71. Пуштен е во производство во 1961 година, а потоа во повеќе наврати е модернизиран, додека не им го препушти местото на помоќни модели прилагодени за возење по лоши патишта.

ИМЗ „Урал“ M-61

По него се појави усовршениот мотоцикл М-61 со вентили во горниот дел од главата на моторот. Во периодот од 1957 до 1961 година овој преоден модел ја потисна претходната варијанта, а потоа и самиот им го препушти местото на новите, подобрени модели.

„Урал“ М-62, реплика на моделот BMW R75

Моделот М-62 е направен во 1961 година. Имал нова брегова осовина и автоматски регулатор за палење (што му ја зголемило силата за 28 коњски сили), како и обновен менувач. Можел да развие брзина од 95 километри на час и да носи 255 килограми.

„Урал“ ИМЗ 650

Од моделите што се направени во годините подоцна треба да се спомене мотоциклот М-67-36 (650 кубици). Тоа беше еден од најпопуларните модели во СССР, меѓу другото и затоа што одлично се покажа на лоши патишта. Овој модел е правен во периодот од 1976 до 1983 година. Има четиритактен мотор (649 кубици, 36 коњски сили), со два цилиндари. Правена е и варијанта со дополнителен погон на тркалата на страничната приколка. Овој модел беше уште поповолен за нерамни патишта, развиваше брзина од 105 километри на час, трошеше 8 литри на 100 километри и можеше да носи до 260 килограми.

„Урал“ во Швајцарија, 2011.

Со распадот на СССР згаснати се многу проекти советски мотоцикли. Единствен исклучок беше Ирбитската фабрика за мотоцикли. Оваа компанија си најде свое место на пазарот и започна да извезува мотоцикли, а од друга страна да увезува делови од западните земји, што придонесе за подобар квалитет. Во текот на 2010 година само 3% од мотоциклите беа продадени во Русија и во Заедницата на независни држави, додека 97% беа извезени во САД, ЕУ, Канада и во Австралија.

Рускиот чопер „Волк“ пред ИМЗ

Мотоциклите со странична приколка се своевиден заштитен знак на „Урал“, но компанијата се развива и во други насоки. На пример, од 1999 до 2011 година беше правен „Урал“ ИМЗ-8.1238 „Волк“. Тоа е руска верзија на чопер.

„Урал“, патрола саобраќајната полиција, 2004.

Покрај патничките и спортските мотоцикли „Урал“ произведува и специјални модели за армијата и за полицијата. Воените верзии се снабдени со држачи за автомат „калашников“ со калибар од 7.62 милиметри и противтенковски ракети.

Ветерани на армијата на САД на рускиот мотоцикл „Урал“ на парада во Калифорнија

Во странство за мотоциклите „Урал“ се поврзани неколку интересни случаи. Садам Хусеин во 2002 година нарача 2.000 „Урал“ со приколка за своите мобилни воени единици, иако мотоциклите официјално беа продадени на ирачкото Министерство за здравство и на Министерството за земјоделство. До почетокот на војната на Ирак во рамките на програмата „нафта во замена за стока за широка потрошувачка“ му беа испорачани 1.500 мотоцикли. По смената на власта оваа соработка беше прекината.

Овие мотоцикли можат да се видат во странските серии и филмови, на пример „Бегство од затворот“ (Prison Break) и „Ghost Rider 2“. И Бред Пит пред неколку години си купи мотоцикл „Урал“.

Сјенфуегос, Kuba

Компанијата ИМЗ во 2017 година одбележа 75 години од своето основање. За тоа време мотоциклите во голема мера се усовршени. Во каталогот за 2018 година претставени се современите модели „2018 Ural City“, „2017 Ural Gear Up“ и „2018 Ural Retro M70“ со мотор со зафатнина од 745 кубици. Нивната цена е 647.000 рубли (околу 10.000 евра).

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња