Путин: Соборувањето на Су-24 е нож во грбот на Русија

Рускиот авион Су-24 е соборен од турските воздухопловни сили, од авион-ловец F-16, изјави претседател на Русија Владимир Путин во текот на конференцијата за печатот по средбата со кралот на Јордан Абдала II.

Инцидентот со рускиот авион ги преминува рамките на обичната борба против тероризмот, изјави Путин. „Русија внимателно ќе анализира сѐ што се случи и никогаш нема да дозволи да се повтори злосторство како денешното“, ги пренесува зборовите на Путин РИА „Новости“.

„Ја доживувавме Турција не само како сосед, туку и како пријателска земја. И не знам кому му беше потребно тоа, но сигурно не нам“, нагласи рускиот претседател.

„Инцидентот со Су-24 е нож во грб од страна на оние кои го помагаат меѓународниот тероризам. Знаеме дека во Турција заминува многу нафта и нафтени деривати од територијата заземена од терористите на „Исламската држава“. Оттука доаѓа и голем дел од финансирањето на терористите“.

Рускиот претседател нагласи дека руските пилоти и авионот не претставувале никаква опасност за Турција, а исто така по соборувањето на Су-24 Турција не се обратила до Русија, туку до НАТО.

„Место итно да го воспостават со нас неопходниот контакт, колку што ни е познато, турската страна се обратила до своите партнери во НАТО за разгледување на ова прашање, небаре ние сме срушиле нивен авион, а не тие наш“, изјави Путин.

Рускиот претседател особено нагласи дека Турција е дел од коалицијата предводена од САД и дека Русија и САД потпишаа договор за спречување на инциденти во воздух.  

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.