Портпаролот на претседателот на РФ Дмитриј Песков одби да ги коментира информациите дека Русија е подготвена еднострано да учествува во борбена операција против терористите во Сирија доколку САД одбијат да ги координираат активностите на меѓународната коалиција со Москва, Дамаск и Техеран.
„Сега има многу шпекулации во медиумите; најголемиот дел од тие шпекулации немаат ништо заедничко со реалноста“, изјави Песков. „Да се коментира секоја таква информација би било глупаво, контрапродуктивно“, смета портпаролот на шефот на руската држава.
Претставникот на Кремљ исто така соопшти дека ништо не му е познато за наводното барање до Советот на Федерацијата за дозвола за употреба на воен контингент во Сирија. „Ништо не ми е познато и никакви документи во врска со тоа немам видено. Не можам да објаснам од каде таква информација воопшто може да протече“, изјави Песков“.
Изјавата на канцеларката на Германија Ангела Меркел за подготвеноста да дозволи учество на претседателот на Сирија Башар Асад во преговарачкиот процес за решавање на ситуацијата во таа земја се совпаѓа со руската позиција околу ова прашање, изјави портпаролот Песков. „Тоа кореспондира со она што многупати го кажа претседателот Путин“, изјави тој.
„Всушност, руската страна и претседателот Путин многупати потенцираа дека решавањето на судбината на Сирија од трети страни е воопшто невозможно; за судбината на Сирија може да решава само сирискиот народ и вештачки да се исклучува законски легитимниот претседател на Сириската Арапска Република од процесот на решавање е невозможно, тоа го прави самиот процес на решавање нереалистичен“, потсети портпаролот Песков.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче