Путин: Исклучително сме задоволни од развојот на односите со Турција

Руската Федерација и понатаму е втор по големина трговски партнер на Турција, изјави рускиот претседател Владимир Путин.

Претседателот на Русија Владимир Путин во текот на средбата со турскиот колега Реџеп Таип Ердоган изјави дека Москва е исклучително задоволна од развојот на односите со Анкара, пренесува „Взгљад”.

„Што се однесува до билатералните односи, многу сме задоволни од развојот на меѓусебната соработка“, рече Путин.

Тој додаде дека Русија и Турција продолжуваат со редовна комуникација на највисоко ниво, како и дека се остваруваат контакти и на други нивоа: и на парламентарно, и на владино ниво. „Знаеме дека сте на прагот на парламентарните избори, со среќа“, истакна рускиот претседател.

Зборувајќи за трговско-економските односи, тој нагласи дека, и покрај определени проблеми предизвикани од многубројни објективни причини, Русија и понатаму е втор по големина трговски партнер на Турција. „Нашите трговско-економски односи и понатаму се шират, а се зголемуваат и вложувањата од двете страни“, рече Путин.

Рускиот лидер му се заблагодари на Ердоган за неговото присуство на отворањето на Московската Соборна џамија и помошта што Турција ја обезбеди за нејзината изградба. 

Од друга страна, турскиот претседател Ердоган изјави дека Турција смета да го достигне нивото на трговска размена со РФ од 100 милијарди долари до 2024 година.  

„Како што Ви е познато, нашата цел е достигнување на нивото од 100 милијарди долари. Ние си поставивме пред себе таа цел да ја достигнеме до тоа ниво до 2023 година“, изјави Ердоган.

Тој истакна дека, без оглед на потешкотиите во светската економија, билатералната трговска размена се одликува со позитивни тенденции, пренесува РИА „Новости“.

 

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.