Медведев ја зголеми територијата на Русија за 50 илјади квадратни километри

Премиерот на Русија ја потпиша одлуката за поставување на границата на Русија со која површината на континенталниот гребен е зголемена за 50 илјади квадратни километри.

Премиерот на Русија ја потпиша одлуката за поставување на границата на Русија со која површината на континенталниот гребен е зголемена за 50 илјади квадратни километри. Премиерот го соопшти тоа на средбата со учесниците на серускиот младински образовен форум „Итуруп” што се одржува на Курилските острови.

„Ние сепак не смееме да заборавиме на фосилните горива“, изјави Медведев. „Ја потпишав одлуката која ја утврдува руската граница на континенталниот гребен на Охотското море“.

Според зборовите на рускиот премиер, тоа значи дека Русија може да го користи гребенот, пренесува „Взгљад”.

„Токму таму се наоѓаат огромни извори на суровини, извори на енергија. Тоа е важен документ, затоа што е донесен по консултациите со комисијата на ОН за границите на континенталниот праг кој е усогласен со нашите соседи, со нашите јапонски пријатели“, заклучи шефот на руската влада. „На тој начин површината на нашиот гребен се зголеми за над 50 илјади километри“.

„Во склад со Конвенцијата на ОН за поморско право крајбрежните држави ги воспоставуваат границите на континенталниот гребен врз основа на препораките на Комисијата за границите на континенталниот гребен, и така што до Генералниот секретар на ОН му ги предаваат на чување поправените географски карти и другите информации што ги опишуваат границите на гребенот. Границите што се воспоставени на тој начин се конечни и обврзувачки за сите“, се наведува во одлуката на владата.

Русија го поднесе барањето за проширување на континенталниот гребен во Охотското море во февруари 2013 година. На тоа му претходеше повеќегодишна работа на подготовка на темелното научно образложение на руското барање. Беа спроведени и долготрајни консултации со Јапонија. Комисијата позитивно одговори на барањето на Русија во 2014 година.  

Русија на тој начин стекна право на дел од гребенот во централниот дел на Охотското море со површина од 50 илјади квадратни километри.   

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња