Медиуми: Русија прави автомобил-квадрокоптер

Псковскиот државен универзитет развива летачки автомобил.

Псковскиот државен универзитет развива летачки автомобил, а проектот суштински се разликува од постојните автомобили-летала. Место крила автомобилот ќе има четири пропелери кои не отстапуваат од каросеријата и обезбедуваат способност за летање. Креаторите сѐ уште немаат произведено прототип, но се надеваат дека автомобилот ќе го реши проблемот со лошите патишта и големите пространства на Русија, пишува „Известија”.

„Русија има огромна територија, малку патишта, а големата површина на земјата има ниска носивост, затоа што тоа се тундри и мочуришта. Изградбата на патишта на таква површина е скапа, затоа на Русија ѝ се потребни перспективни технологии кои ќе им овозможат на автомобилите не само да пловат, туку и да летаат над проблематичниот терен“, рече авторот на проектот Александар Енаев.

Според неговите зборови, големината на идниот двосед ќе биде најверојатно како и кај патнички автомобил: должина 4 метри, ширина околу 2 метри. Како што рече, се очекува алуминиумот и композитните материјали да помогнат да се задржи тежината на празниот автомобил од околу 1 тон. Планирано е во автомобилот да биде вграден бензински мотор и менувач со 5 брзини. Во текот на движењето по земја автомобилот ќе биде со погон а предните тркала.

За полетување се предвидени четири електромотори со хоризонтални пропелери, кои имаат значително поголема сила на подигање од воздушните пропелери. Во случај да се расипе главниот мотор акумулаторите со зголемен капацитет ќе помогнат за принудно слетување. Подготовката за полетување ќе трае 10 минути. Максималната висина на летот ќе биде 3 км, работната висина околу 2 км, а практичниот домет до 500 км при просечна брзина од околу 200 км/ч.

„Принципот на управување и полетување на нашиот автомобил е ист како и кај квадрокоптерот: промената на аголната брзина на вртење на пропелерите, додека ние го задаваме правецот на движење. За движење напред автомобилот се наоѓа под мал агол во однос на хоризонтот. Подготовките за полетување возачот може да ги изврши од седиштето на автомобилот со вклучување на воздушните пропелери со помош на контролната единица“, објасни конструкторот.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња